Охридското Езеро – природно богатство под закана

Еко акција – Нуркаме за чисто езеро

Нуркачите заедно со волонтери и љубители на природата повторно се обединија со заедничка цел – зачувување на езерото и неговата природна убавина

Охридското Езеро, едно од најстарите и најдлабоките езера во Европа, претставува уникатен екосистем со извонредна биолошка разновидност. Дом е на над 200 ендемски видови, меѓу кои и прочуената охридска пастрмка, која е симбол на неговото природно богатство. Покрај својата еколошка вредност, езерото има и огромно културно значење, бидејќи неговите брегови кријат археолошки остатоци од антички цивилизации. Во 1979 година, Охридското Езеро беше прогласено за светско наследство на УНЕСКО, а во 2019 година оваа заштита беше проширена и на албанската страна. Сепак, во последните години, загриженоста за неговата иднина расте. Урбанизацијата, неконтролираниот туризам, загадувањето од реките и отпадните води го загрозуваат неговиот екосистем.

И покрај предупредувањата од УНЕСКО, загадувањето продолжува да се влошува. Фекални води, индустриски отпад и пластика се само дел од проблемите што го нарушуваат природниот баланс на езерото. Локалните екологисти и нуркачки клубови од од земјава и странство и минатиот викенд организираа акции за чистење на дното на езерото во селото Радожда.

Нуркачите заедно со волонтери и љубители на природата повторно се обединија со заедничка цел – зачувување на езерото и неговата природна убавина. Акцијата привлече учество од сите поголеми клубови за подводни активности од Македонија, како и гости од соседните земји, кои се придружија на оваа мисија за почисто Охридско Езеро.

Игор Ѓорѓевиќ, нуркач од центарот „Скаут Струга“.

Зошто брегот на Радожда?

„Веројатно затоа што ова подрачје е едно од најзагадените, а сепак недоволно истражено. Охридското Езеро не е само природно богатство, туку и жив екосистем кој треба да го заштитиме,“ вели Игор Ѓорѓевиќ, нуркач од центарот „Скаут Струга“.

На прашањето што се извади од езерското дно, подводниот археолог Валентина Тодороска вели: „Извадивме остатоци од стари конструкции, но и големо количество отпад, што покажува дека загадувањето е сериозен проблем.“

Жељко Бајкин, од клубот „Видре“ од Србија, кој исто така беше дел од акцијата со своја приказна за сето она што го „крие“ дното на езерото и го уништива растителниот и животиснки свет: „Пронајдовме акумулатор, неколку гуми од автомобили… можам да кажам дека езерото е доста валкано под вода.“

Валентина Тодороска

Езерото како културно наследство

„Охридското Езеро не е само природен ресурс, туку и дел од културното наследство. Загадувањето го загрозува не само екосистемот, туку и историските остатоци кои лежат во неговата длабочина,“ нагласи Тодороска.

Жељко Бајкин, од клубот „Видре“ од Србија

Состојбата со реките во околината

„Доколку не внимаваме на реките што влегуваат во езерото, целата наша борба за чистење на водата е бесмислена,“ предупредува Бајкин и додава:

„Ние, Балканците, малку не водиме сметка за ѓубрето кое го фрламе под вода. Мислиме дека ако сме го фрлиле, никој нема да го најде, но, за жал, тоа останува и продолжува да ја загадува природата,“ додава Бајкин, кој има долга историја на учество во вакви акции.

Свеста кај населението за зачувување на езерото е сè уште недоволна. Иако многумина го препознаваат неговото значење, потребни се поголеми едукативни кампањи и институционална поддршка за да се спречи неговото понатамошно уништување.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни