Во организација на Платформата „Наша гордост. Наша одговорност“ на Скопско:

Еко-акција на Скопско за чистење на Охридското езеро

Во големата еко-акција за чистење на Охридското Езеро организирана од култниот пивски бренд на Пивара Скопје – СКОПСКО, што се одржа на 1-ви јуни, беа собрани 120 метри кубни отпад, од 6 различни локации во езерото и на охридското крајбрежје. Акцијата е дел на долгорочната платформа на Пивара за општествена одговорност – „Наша гордост. Наша одговорност“.

Во акцијата беа вклучени 170 нуркачи и волонтери. Членовите на нуркачкиот клуб „Амфора“ освен што извадија стотици метри кубни отпад од дното на езерото, укажаа и на важноста за подигнување на свеста на граѓаните, како и на потребата од поддршка на ваквите иницијативи, како локално, така и во земјите од регионот.

-Во меѓународната еколошка акција има нуркачи од Македонија и од Балканскиот регион. Она што најмногу наоѓаме на дното на езерото се пластични амбалажи, метални конструкции, автомобилски гуми и други предмети. До сега имаме организирано над 50 акции и очекуваме што помалку отпад да најдеме во Охридското Езеро. Имајќи во предвид дека во првите акции кои ги организиравме, имаше огромна количина на цврст отпад, секоја година вродува со плод така да се помалку и помалку има отпад. Најмногу се фрла ѓубре на местата покрај брегот и на населените места покрај крајбрежјето на Охридското Езеро. Несовесните граѓани се најголемите виновници за големата количина на отпад во езерото. Меѓутоа мора да напоменеме дека и вливот на реките се исто така големи загадувачи на езерото, вели Јован Секулоски од нуркачкиот клуб „Амфора“.

Во акцијата на први јуни учествуваа нуркачи од неколку клубови од регионот. Мирко Бевења, од нуркачки клуб „Тритон“ од Белград, објаснува дека состојбата на локалитетите од ваков тип е секаде речиси иста и дека треба да се работи многу на подигнување на свеста на луѓето за еколошката состојба.

-Треба да се работи на свеста на луѓето, пред се затоа што нас не има во ограничен број тука, кои го собираме целиот тој отпад кој го фрлаат голем број на луѓе – вели Мирко.

Сафир Караџиќ од Босна и Херцеговина од  нуркачкиот клуб „Shark “- Јајце исто така смета дека генералната еколошка состојба во регионот е лоша и дека мора да се работи на подигнување  на свеста за тоа да не се фрла отпад во водите.

-Прв пат сме во оваа еко акција, но често нуркаме во Охридското Езеро и можам да кажам дека Охридското Езеро е во релативно добра состојба, но имате локации тука каде што фреквенцијата на луѓе е малку поголема, има неколку локации каде што се приметува дека има повеќе отпад – вели Сафир.

Драган Држаниќ, од нуркачкиот клуб „Дубровник “објаснува дека во езерата најмногу се фрла пластика, опрема од рекреативните бродови, автомобилски гуми…

-Најмногу собираме пластика, но има и доста опрема која паѓа од рекреативните бродови, опрема како браници, штитници, стари автомобилски гуми или стар рибарски алат кои остануваат на дното. Мислам дека Охридското Езеро е релативно добро, нуркав неколку пати претходно и секако зависно од локацијата, каде што има најголема фреквенција на туристи, таму има повеќе отпад –вели Драган.

Акцијата „Наша гордост. Наша одговорност“ е пример како заедно можеме да постигнеме многу за еколошката состојба на Охридското езеро, за поубав и почист град, но и за нас самите, затоа што одговорноста за природата и за зачувување на нејзините убавини е на сите нас.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни