ЕК ја тужи Бугарија поради неусогласеност со европската директива за јавни набавки

Приватни здравствени установи со државно финансирање исклучени од јавни набавки, оценува Европската комисија

Европската комисија денеска донесе одлука да покрене постапка против Бугарија пред Судот на правдата на Европската Унија, поради нецелосна усогласеност на националното законодавство со европската Директива за јавни набавки.

Според оценката на Комисијата, бугарското законодавство неправилно исклучува одредени здравствени установи во приватна сопственост од учество во постапките за јавни набавки, дури и во случаи кога повеќе од 50 отсто од нивното финансирање доаѓа од државниот буџет. Ваквата практика, како што наведуваат од ЕК, не е во согласност со правилата на Европската Унија.

Постапката против Бугарија е отворена уште во јануари 2019 година, кога Комисијата официјално побара од бугарските власти да го усогласат националното законодавство со европските правила. Иако бугарската Влада во меѓувреме поднела предлог-законски измени, тие досега не се усвоени од страна на Народното собрание. Дополнително, Комисијата оценува дека дури и доколку предложените измени бидат прифатени, постојните недостатоци нема целосно да бидат надминати.

На денешната прес-конференција во Европската комисија, на новинарско прашање поврзано со актуелните антивладини протести во Бугарија, портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото, Маркус Ламерт, изјави дека правото на мирен протест е загарантирано за сите граѓани.

„Ставот на Комисијата во однос на протестите е јасен. Мирните демонстрации се фундаментално право во сите демократски земји. Немам што повеќе да коментирам“, изјави Ламерт.

Во однос на одлуката на Европската комисија за привремена суспензија на околу 200 милиони евра средства наменети за Бугарија, портпаролот за кохезија и реформи, Мачеј Берестецки, појасни дека мерката е донесена поради проценка дека земјата не ги исполнила обврските поврзани со функционирањето на телото за борба против корупцијата.

„Во прелиминарната проценка за Бугарија, усвоена пред неколку дена, оценуваме дека дел од препораките се позитивно спроведени, но има неколку клучни области – особено оние што се однесуваат на антикорупциското тело – кои не се исполнети на задоволително ниво“, истакна Берестецки.

Тој додаде дека Бугарија има рок од еден месец да достави свои забелешки во врска со одлуката за привремена суспензија на средствата, по што Европската комисија ќе ја разгледа реакцијата на бугарските власти.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни