– Европската комисијата денеска предложи прва листа на безбедни земји на потекло на ниво на ЕУ, што ќе овозможи забрзување на имплементацијата на одредени аспекти на Пактот за миграција и азил и ќе им помогне на членките на Унијата побрзо и поефикасно да ги обработуваат барањата за азил, соопшти денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи, демократија, правда и владеење на правото Маркус Ламерт.
– Комисијата предлага да се изработи првата листа на ниво на ЕУ која ќе ги опфаќа Косово, Бангладеш, Колумбија, Египет, Индија, Мароко и Тунис. Листата е динамична, што значи дека може да се проширува или преразгледува со текот на времето. Земјите може да бидат отстранети од листата, доколку повеќе не ги исполнуваат критериумите за да бидат оквалификувани како безбедна земја на потекло, рече Ламерт.
Тој нагласи дека Евромисијата смета оти земјите кандидати за членство во ЕУ, во принцип, ги исполнуваат критериумите за да бидат оквалификувани како безбедни земји на потекло, бидејќи како дел од нивниот европски пат тие работат на постигнување стабилност на институциите кои гарантираат демократија, владеење на правото и почитување и заштита на човековите и на правата на малцинствата.
„ Земја кандидат би била исклучена само под одредени специфични околности, како неселективно насилство во конфликтни ситуации, санкции усвоени од Советот кон таа држава или ако стапката на прифатени барања за азил во ЕУ стане повисока од 20 отсто“, истакна Ламерт.
Портпаролот на Комисијата рече и дека со воспоставувањето на заедничка листа на ЕУ на безбедни држави на потекло, ќе се овозможи побрза обработка на барањата за азил на државјаните овие земји со максимално времетраење до три месеци или преку забрзана постапка.
Ламберт нагласи дека оквалифувањето на една земја на потекло како безбедна, не значи гаранција за безбедност за сите нејзини државјани, па затоа членките на ЕУ треба да спроведат индивидуална проценка на секое барање за азил, независно од фактот дали некое лице доаѓа од безбедна земја на потекло или не.
„Сега останува Европскиот парламент и Советот да се договорат за овој предлог“, додаде Ламерт.