ЕК одби да го коментира отпуштањето на италијански новинар по поставено прашање до неа 

Гил отфрли каква и да било поврзаност на Комисијата или нејзин претставник со отпуштањето на новинарот.

Заменикот главен портпарол на Европската комисија, Олоф Гил одби да го коментира отпуштањето од работа на италијански новинар по поставено прашање на прес-конференција во ЕК, нагласувајќи дека за конкретната одлука одговор треба да се побара од медиумот. 

„Европската комисија придава најголема важност на слободата на медиумите. Ние ја покажуваме таа посветеност на дневна основа, тука во оваа прес сала“, изјави Гил на денешната прес-конференција во одговор на новинарско прашање. 

Прашањето се однесуваше на одлуката на италијанската агенција Нова да го раскине договорот за работа со новинарот Габриеле Нунцијати, откако тој кон средината на минатиот месец на редовниот прес брифинг во ЕК праша дали Комисијата верува дека и Израел треба да плати за обновата на Газа, како што бара од Русија да ја финансира обновата на Украина, на што не доби одговор, тука само забелешка дека „тоа е интересно прашање“. 

По ова, Нова го раскина договорот со Нунцијати, а својата одлука ја бранеше со ставот дека неговото прашање било „технички неточно“. 

Гил отфрли каква и да било поврзаност на Комисијата или нејзин претставник со отпуштањето на новинарот. 

„Дозволете ми да бидам сосема јасен. Категорично можам да потврдам дека не е остварен никаков контакт помеѓу кого и да било од Европската комисија и медиумот за кој станува збор. Сакам да повторам дека во оваа прес сала одговараме на сите прашања што ги добиеме. Тоа отсекогаш било така и секогаш ќе биде така“, истакна Гил. 

На прашање дали ЕК смета дека е прифатливо новинар да биде отпуштен или да му биде раскинат договорот за работа само затоа што поставил прашање во нејзината прес сала, Гил истакна дека Комисијата не може да коментира за овој конкретен случај.  

„Се што можам да направам е да ја повторам нашата посветеност како Европска комисија на слободата на медиумите и нашата посветеност како портпароли кон вас новинарите, да одговориме на сите прашања што можеби ќе ги поставите и да одговориме точно и навремено“, рече Гил. 

Тој нагласи дека ова е основна обврска и вредност на Европската комисија, како една од „најтранспарентните јавни институции во светот“ и таквата пракса ќе продолжи.

„Тоа е нашата обврска кон вас и тоа секогаш ќе биде така“, додаде Гил.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни