Европската унија и Соединетите Американски Држави ја делат заедничката одговорност за одржување на мирот, изјави портпаролот на Европската комисија за Украинформ по повод објавувањето на новата стратегија за национална безбедност на САД.
„Го поздравуваме силниот приоритет што Стратегијата го дава на завршувањето на руската војна против Украина. Европа и САД ја делат заедничката одговорност да поддржат праведен и траен мир“, изјави за украинската агенција неименуван портпарол на ЕК.
Како што наведе, Европската унија целосно се согласува дека „Европа останува стратешки и културно витална за Соединетите Држави“ и дека „трансатлантската трговија останува еден од столбовите на глобалната економија и американскиот просперитет“.
Портпаролот на ЕК потсети дека Европа долго време се потпираше на САД кога станува збор за одбраната и дека во последните години ги засилила „сопствените напори“ и ќе продолжи да ги зајакнува своите одбранбени капацитети и одбранбено-индустриската база.
„Европа масовно ги зголемува своите инвестиции во одбрана со цел да ја засили сопствената безбедност и да продолжи со својот решителен придонес во Алијансата, заедно со заедничките напори за градење одбранбена индустрија која ќе произведува критични капацитети“, рече портпаролот на ЕК за украинската агенција.
Во тој контекст, потсети дека Европската комисија во март 2025 година создаде услови за дополнителен инвестициски пакет вреден 800 милијарди евра.
Покрај тоа, трансатлантската трговија и инвестиции остануваат важна предност и за европската и за американската економија, прецизира портпаролот.
„Ќе продолжиме конструктивно да соработуваме, обезбедувајќи ја конкурентноста на Европа. Трансатлантското партнерство е уникатно и, како и секогаш, сојузниците се посилни заедно“, порача претставникот на прес-службата на Европската комисија.
Истовремено, нагласи дека кога станува збор за одлуки што ја засегаат Европската унија, „тие ги донесува самата Европска унија, во име на Европската унија, вклучително и оние што се однесуваат на нашата регулаторна автономија, заштитата на слободата на изразување и меѓународниот поредок заснован на правила“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја објави стратегијата за национална безбедност, меѓу чии приоритети е завршувањето на војната во Украина.
