Филмскиот фестивал „Ехо“, кој повеќе од една деценија претставува вистински прозорец во светот на планините, авантурите и човечките приказни што „одекнуваат“ низ светот, го заокружи своето најново издание со свечено прогласување на победниците.
Како што велат организаторите, целта на фестивалот отсекогаш била јасна – да биде канал преку кој инспиративните и едукативни приказни за планините, спортистите и заедниците од целиот свет ќе одекнат и во нашата заедница.
Во духот на таа мисија — да се слави човечката издржливост, креативност и љубовта кон природата — фестивалот го заврши своето издание со доделување на наградите на филмовите што најсилно „одекнаа“ кај жирито и публиката.
Најдобар филм за снежни спортови
Жирито во состав Сања Спасовска, Марија Петковска и Марко Дарков едногласно го прогласи победникот во оваа категорија – „Кога ќе те фати бубачката“ на Емил Лендертс од Норвешка.
„Она што нè освои е свежиот, хумористичен и човечки пристап кон скијачката зависност од адреналин, врвови и снег. Филмот не само што го прикажува тој момент на страст, туку ни овозможува да ја почувствуваме магијата на норвешките фјордови и зимската убавина како дел од една внатрешна потрага,“ истакна жирито.
Најдобар филм на тема природа и култура
Меѓународното жири во состав Пјотр Туркот (Полска), Михаел Паузе (Германија) и Давид Чан (Швајцарија) ја додели наградата на „Светлина која води“ на Кристина Родригез Паз од Шпанија.
„Еден енигматичен и поетичен документарец што раскажува за исчезнувачка професија и за луѓето кои низ својата саможртва и тивка сила ја чуваат светлината во темнината. Филмот е химна на човечноста и на скромноста на оние кои остануваат незабележани, но суштински важни,“ наведоа членовите на жирито.
Најдобар краток филм
Жирито од Дрим Шорт Филм Фестивалот во состав Лидија Мојсовска, Јаков Попоски и Раде Гогоски ја додели наградата на „Внатрешен хоризонт – Аника Хорн“ на Титуан Бесиер од Швајцарија.
„Филмот со ретка искреност навлегува во интимниот простор на едно семејство и ја покажува нежната врска меѓу генерациите, обединети преку љубовта кон планината. Приказна што се отвора тивко, но остава длабок човечки печат,“ стои во образложението.
Специјално признание за краток филм
Специјално признание доби „Дом“ на Александра и Јулија Повалч од Полска, за „режија што го одзема здивот и го претставува планинскиот свет како простор на тишина, длабоки чувства и интимна врска меѓу човекот и природата“.
Најдобар еколошки филм
Четиричленото жири од Македонското еколошко друштво – Данка Узунова, Наталија Меловска, Сара Крстевска и Александар Павлов – ја додели наградата за Најдобар еколошки филм на „Наши волци“ на Самер Анџелоне од Италија.
„Филмот отвора длабока еколошка и морална дилема, раскажувајќи ја приказната за волкот – најпогрешно разбраната ѕверка во Европа. Преку гласовите на научници, активисти и земјоделци, авторот успева да ја претвори оваа тема во силен повик за будење и балансирање меѓу човекот и природата,“ наведоа членовите на жирито.
Ова издание на Ехо фестивалот уште еднаш потврди дека планината не е само простор за авантура – туку огледало на човечката храброст, посветеност и внатрешен мир.
 
				 
				 
								 
								 
								 
								