Независната мрежа за човекови права HRANA соопшти дека најмалку 313 затвореници биле погубени со бесење за време на протестите низ Иран.
Во месечниот извештај, организацијата наведува дека егзекуциите се извршени во периодот од 22 декември минатата година до 20 јануари годинава, во затвори низ целата земја, по различни обвиненија. HRANA, која е со седиште во САД, предупредува дека овој период се совпаѓа со значително заострување на репресијата од страна на иранските власти.
Според извештајот, во истиот временски интервал е забележан нагол пораст на масовни апсења, изрекување тешки казни и употреба на прекумерна сила од страна на безбедносните служби. Само во јануари, во рок од 10 дена, биле погубени најмалку 52 лица, додека протестите се ширеле, а пристапот до интернет бил во голема мера ограничен.
Организациите за човекови права тврдат дека иранските власти ја користат смртната казна како средство за заплашување на демонстрантите и задушување на протестното движење.
Во одделен случај, групата за човекови права Hengaw, со седиште во Норвешка, соопшти дека иранските власти обвинале демонстрант за „мохаребе“ односно „војување против Бога“ поради наводни врски со САД и Израел.
Станува збор за Салах Јусефи од градот Џаванруд, во иранската провинција Керманшах, кој бил уапсен на 13 јануари од припадници на Корпус на иранската револуционерна гарда (IRGC), а потоа ослободен по еден ден. Според Hengaw, по повеќекратни барања од семејството, официјални лица на IRGC усно ги известиле дека против Јусефи е донесена смртна пресуда.
Организацијата наведува дека од апсењето, на Јусефи му бил ускратен пристап до адвокат и други основни права, дека неговото семејство не било официјално информирано за текот на постапката и дека обвинението и пресудата не биле јавно објавени.
