Новата книга на Александар Русјаков – „Егосурфер“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе биде промовирана на 18 февруари (среда), со почеток во 20 часот, во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“.
„Егосурфер“ е збирка раскази што се движи во рамките на научната фантастика, хоророт и киберпанкот. Промотор на книгата ќе биде уредничката Бисера Бендевска.
Иако ова не е првпат Русјаков да се навраќа на фантастичните жанрови, во оваа збирка тој го прави тоа со појасно жанровско позиционирање и фокус. Книгата, според освртот на Маријана Котевска-Георгиева, го проблематизира егото како состојба на духот и како личен и општествен предизвик, поставувајќи ги ликовите пред идентитетски и морални избори. Во расказите се испреплетуваат теми поврзани со индивидуалната одговорност и односот кон повисоки ентитети, во контекст на пошироки општествени прашања.
Александар Русјаков е автор на повеќе поетски и прозни дела, како и на филмски и телевизиски сценарија. Досега ги има објавено поемата „Недовршена љубовна приказна“, збирката песни „Голтка восхит од солзите на вечноста“, збирката раскази „Ме сакаш ли под дождот?“, како и романите „Тринаесеттиот месец“ и „Атена со пенис“. Во издание на „Арс Ламина“ се објавени и неговите дела „Курвински хроники“, „Албино трип“ и романот „Хотел меѓу две војни“, кој е добитник на наградата „Пегаз“ во 2021 година и на „Рациново признание“ во 2022 година. Минатата година ја објави и својата прва книга за деца – „Девојчето и куклата што патува“, во издание на „Либи“.
Промоцијата ќе се одржи во рамките на манифестацијата „Денови на литературата“.
Книгата „Егосурфер“ е достапна во сите поголеми книжарници, како и онлајн преку www.literatura.mk