Едно од најголемите прогресив псај транс имиња во светот Egorythmia со целовечерен настап овој викенд гостува во новиот културен центар во Дебар Маало – Бруталиск. Бобан Лазовски се стекна со светска слава со својот албум Egorythmia во 2008 и оттогаш почна да го користи тоа име на настапите во најголемите клубови и фестивали низ светот. На само неколку дена пред лансирањето на својот последен албум „Deviant“, тој настапува пред одбрана и ограничена публика во својот роден град каде последен пат настапил пред дури пет години.
Бобан Лазовски е музички продуцент од Скопје, еден од повлијателните и продуктивни продуценти во жанрот прогресив транс. На музичката сцена е активен од 2001 година.
Оттогаш има бројни изданија за најреномираните издавачки куќи како што се Iono, Iboga, Perfecto Fluoro, Tesseractstudio, Blue Tunes, Echoes и Plusquam, и редовно гостува на најголемите светски музички фестивали и клупски настани за електронска музика како Boom, Ozora, Fusion, Exit, Antaris, Universo Parallelo, Sunburn, Equinox, BAP, World of Trance, TamTam и други. Egorythmia има соработувано со врвни музички продуценти, меѓу кои Ace Ventura, liquid Soul, Ritmo, Zen Mechanics, Perfect Stranger, Quantize и Mute.