Култниот Егон Савин, со култната Народен пратеник во МНТ

Егон Савин е едно од големите режисерски имиња на поранешна Југославија чие присуство во Скопје, едноставно не може да остане неприметено или занемарено. Савин е редовен професор на Катедрата за режија на Факултетот за драмски уметности во Белград. Има режирано стотина претстави во сите значајни театарски куќи низ цела поранешна Југославија, а неговите претстави се играат насекаде низ светот. Добитник е и на голем број домашни и меѓународни награди за режија.

Во МНТ доаѓа по трет пат. Во сабота (25 јануари) ќе се случи неговото видување на Народен пратеник од Бранислав Нушиќ по неговите постановки на „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996).

Актерската екипа во ова издание на Народен пратеник, ја сочинуваат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Екипа која гарантира прецизна и професионална изведба и претстава пренесена со многу љубов и внимание.

Тоа што во рамки на 80-годишнината на Македонскиот народен театар (МНТ) гостува режисер кој, веќе стандардно се нарекува култен и ја поставува Народен пратеник (која исто така, во МНТ има статус на култна) беше провокација да направиме краток, од нога, разговор со Савин.

Трн: Пред 111 години Нушиќ основал театар (и бил прв директор на театарот) на истото место каде што Вие денес го поставувате Нушиќ. Ретко кој во публиката која ќе ја гледа претставата ќе го знае тој факт, но сепак, дали вас ве инрересираат овие историски синхроницитети?

Нушиќ е основач и прв директор на Театарот во Скопје, но тој бил и директор и основач на многу други театри низ Кралството Југославија. Поважно од ова е фактот што во целата земја не постоеле национални или градски театри каде што не е поставуван Нушиќ како автор. Во сите Домови на културата, во сите аматерски театри, летни сцени, поставуван е овој наш театарски гениј. Гледан е по повеќе пати, а прославен е и во светот на српската и на југословенската комедиографија. Помалку познат факт е тоа дека Нушиќ е автор на едни од најзначајните српски граѓански и социјални драми и мелодрами. Јас, со голем успех, работев на неговата мелодрама „Така мораше да биде“, во Југословенскиот драмски театар во Белград, „Палилуски роман“ (Иза божјих леђа) во Белградскиот драмски театар, „Покојник“ во Црногорскиот народен театар. Се надевам дека и идните генерации на режисери ќе можат да го откријат Нушиќ како што го откривале и афирмирале најзначајните југословенски режисери во минатото. Колку и да барате, нема да најдете подуховит материјал за во театар на темата балкански менталитет.

Трн: Се чини дека историјата се повторува. Дали на Балканот се враќаат девеесеттите, и дали на светско ниво завршува приказната за либералната демократија? Има ли денес антифашисти во доволен број за да бидат релевантни?

Политиката ја заобиколувам во голем круг, а политичарите главно ги презирам. Не верувам на ништо од нивните медиуми. Сметам дека многу институции работат против себе, а министерствата ги штитат владите наместо да ги штитат оние за кои и постојат. Во моментов во Белград повторно има бунтови, како и на секои 15 до 20 години… Овој пат не е во прашање само промена на власта, туку напор за промена на поданичкиот менталитет на народот. Станува збор за голем заговор на бројни партиски интереси. Тоа е она најважното, да се влијае на штетните црти на менталитетот, кои за жал ги има многу. Тоа е и најважната улога на театарот, да се укажува, да се потсмева, остро да критикува, да се вреднува и да се постави морален императив на животната заедница.

Трн: Звучи банално, но која е улогата на театарот денес? И дали воопшто, онаа култура која беше доминантна по Втората светска војна има значење денес и успева да комуницира со новите генерации родени по падот на Берлинскиот ѕид?

Јас не верувам во „забавeн“, ниту во „политички“ театар. Верувам само во „уметнички“ театар кој постои врз основа на новите режисерски читања на големи класични литератури. Мора да се афирмираат големите писатели. Мора да се коментира стварноста, да се прават претстави кои се пристапни за обичните луѓе. Мора да се осудува злото кое нѐ опкружува во голема мера, тоа ѝ го должиме на публиката. За што ни се претстави кои не говорат за ништо? Конечно мораме да дејствуваме со љубов и внимание кон нашиот занает. Да се постигне, со напорна работа, перфекционизам во сценското изведување!

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни