Египет си ја бара назад бистата од Нефертити која се наоѓа во Берлин

Истакнатиот египетски археолог и поранешен министер за антиквитети, Захи Хавас започна петиција за враќање во Египет на ремек-делото на фараонската уметност, бистата на кралицата Нефертити која моментално е изложена во Берлин.
Фото: Egisto Sani/Flickr

Познатата насликана биста, стара околу 3400 години, била откриена во 1912 година од германската археолошка мисија во Тел ел-Амарна, на чело со германскиот археолог Лудвиг Борхард, на околу 300 километри јужно од Каиро, а следната година била испратена во Берлин. Хавас тврди дека по откривањето, статуата била обложена со глина за да може да се пренесе во Германија без да биде забележана. Египет упорно бара враќање на статуата уште од 1930 година.

Амарна кратко била престолнина на мажот на Нефертити, фараонот Ехнатон од 18. династија, кој владеел до отприлика 1335 година пне.

Во петицијата започната во саботата, Хавас бара враќање на бистата со образложение дека противзаконски е изнесена од Египет откако што е откриена.

Тој истакнува дека не бара да се вратат артефакти кои легално се изнесени од Египет. Неговата кампања е фокусирана на враќање на три вредни предмети – бистата на Нефертити, каменот од Розета, кој овозможи дешифрирање на писмото од антички Египет и зодијакот од Дендера.

Извор: ХРТ

Најново

Последни колумни