Египетското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека е „подготвено да биде домаќин на меѓународна конференција“ за обнова на Појасот Газа, еден ден откако посредниците објавија договор за привремен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас.
Во соопштението, Каиро повика на брза, безбедна и ефикасна дистрибуција на хуманитарна помош, како и „проекти за рано закрепнување во подготовка за обнова“ на палестинската територија, што е уништена од 15-месечната војна.
Министерството за надворешни работи повика на итен почеток на примирјето, кое треба да стапи на сила во недела, и ја нагласи „потребата страните да се придржуваат до неговите одредби и да работат на спроведување на неговите фази на наведените датуми“.