Европската унија од 10 април го воведува системот за влез и излез (ЕЕС) во постојан режим на работа. Секој патник од земја надвор од ЕУ, вклучително граѓаните на Македонија, мора индивидуално да помине биометриска контрола на границата. За Велигден и Прв мај, надлежните советуваат да се планира значително повеќе време за граничен премин.
Автобусот е најевтин, но и најбавен избор
Иако автобусот традиционално е прв избор поради цената, со ЕЕС станува најпроблематичниот вид патување. Причината е едноставна: секој патник мора поединечно да помине низ новата процедура, што кај полн автобус може да резултира со чекање од неколку часа. Во текот на пробниот период веќе биле забележани застои од над половина ден, особено на премините кон Унгарија и Хрватска, пренесува Бизпортал.
Авионот е најбрз, но аеродромите не се поштедени
Летањето останува најбрзата опција до посакуваната дестинација, но и аеродромите очекуваат подолги редови на пасошка контрола. Патниците се советуваат да пристигнат на аеродром неколку часа порано отколку вообичаено, бидејќи на граничниот шалтер покрај пасошот задолжително се земаат и отпечатоци на прсти и фотографија.
Автомобилот нуди најмногу слобода на планирање
Патувањето со автомобил дава можност за избор на помалку оптоварени гранични премини и алтернативни рути, а патниците можат да го прилагодат времето на поаѓање. И покрај тоа, и кај возилата важи истото правило: секој патник поединечно минува низ контрола, со биометриски податоци.
Возот е наједноставен, но со ограничени дестинации
Патувањето со воз се покажува како најнепроблематична опција во однос на новите правила. На линијата Белград–Будимпешта контролите се вршат за време на возењето, без застанување на границата. Сепак, оваа опција засега не е достапна за поголем број европски дестинации.
ЕУ лансира апликација за регистрација однапред
Европската унија подготвува мобилна апликација „Travel to Europe” наменета за патници од земји надвор од ЕУ. Апликацијата им овозможува однапред да ги регистрираат податоците од пасошот и фотографијата пред да пристигнат на граничниот премин. Засега функционира само во Шведска и Португалија, а останатите земји-членки треба да ја воведат наредниот период.