ЕЕА: Европа постигна напредок во намалување на штетните емисии, но состојбата со животната средина и понатаму е алармантна

Емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалени за 37% од 1990 година – значително повеќе отколку во другите големи загадувачи како Кина и САД – благодарение на намалувањето на фосилните горива и зголемување на обновливите извори на енергија

Европа постигна значителен напредок во намалувањето на емисиите на стакленички гасови и загадувањето на воздухот, но севкупната состојба на животната средина останува сериозно загрижувачка, соопшти Европската агенција за животна средина (ЕЕА) при претставувањето на најновиот извештај за состојбата на континентот.

Извештајот е објавен само неколку дена по климатскиот самит на ОН, на кој земјите членки на ЕУ не успеаја да усогласат конкретен план за дополнително намалување на емисиите до 2035 година. Исто така, нема консензус ниту за предлогот на Европската комисија за намалување на емисиите до 2040 година за 90% во споредба со нивото од 1990. година.

Емисиите на стакленички гасови во ЕУ се намалени за 37% од 1990 година – значително повеќе отколку во другите големи загадувачи како Кина и САД – благодарение на намалувањето на фосилните горива и зголемување на обновливите извори на енергија. Но, ЕУ земјите мораат поинтензивно да ги спроведуваат веќе договорените мерки од Европскиот зелен план. Природните ресурси, вклучувајќи ја водата и земјиштето, се и понатаму прекумерно искористувани. Според ЕЕА, околу 81% од заштитените природни подрачја се во лоша или многу лоша состојба, а 60 до 70% од земјиштето е деградирано. Водните ресурси се исто така загрозени – 62% од нив не се во добра еколошка состојба.

Климатските промени дополнително го влошуваат недостигот на вода. Сепак, преку подобро управување, технолошки иновации, повторна употреба и зголемена јавна свест, можно е да се заштеди до 40% вода во секторите како што се земјоделство, снабдување со вода и енергетика. Последиците од климатските промени се се поголем предизвик – од оштетена инфраструктура и еко-системи до растечки цени. Повеќето згради во Европа не се дизајнирани да издржат екстремна топлина, а 19% од жителите не можат да одржат пријатна температура во домовите.

Од 1980 до 2023 година, екстремни климатски настани како топлотни бранови, поплави, лизгања на земјиште и пожари предизвикале над 240.000 смртни случаи во 27 земји на ЕУ. Економските загуби растат: во периодот 2020–2023 тие биле 2,5 пати поголеми од загубите во деценијата претходно. На пример, поплавите во Словенија во 2023 година чинеле 16% од БДП на земјата.

ЕЕА апелира Европа да ги прилагоди општеството и економијата на новите климатски услови, потенцирајќи дека опстанокот на луѓето зависи од здрава природа. Спречувањето на загадувањето, освен што го заштитува здравјето, значително ги намалува болестите и смртноста. Смртните случаи поврзани со загадениот воздух се намалиле за 45% од 2005 до 2022 година. „Одржливоста не е избор – тоа е само прашање на време кога ќе дејствуваме. Ако не почнеме веднаш, последиците и трошоците ќе бидат уште поголеми“, предупреди Кетрин Ганцлебен од ЕЕА.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни