„Едвард Втори” на сцената на фестивалот МЕСС во Сараево

Претставата „Едвард Втори“, во режија на Андриј Жолдак и според текстот на Кристофер Марлоу, е селектирана во официјалната програма на престижниот театарски фестивал МЕСС во Сараево, Босна и Херцеговина. Оваа копродукција меѓу велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ и Драмскиот театар од Пловдив, Бугарија, ќе биде изведена на 6-ти октомври на сцената на Народно Позориште Сараево.

Во актерската екипа на претставата се вклучени Борис Крстев, Илин Јовановски, Јована Миладинова, Васил Зафирчев, Јордан Витанов, Бранко Михајлоски, Кире Ацевски, Никола Петковиќ, Сандра Танчева, Марија Баркова, Леонида Гулевска, Бобан Алексоски и Тодор Стојковски. Сценографијата е дело на Андриј Жолдак и Даниел Жолдак, додека за костимите се погрижија Симон Мачабели и Раде Василев.

Ова е третата соработка на украинскиот режисер Андриј Жолдак со македонски актери, по неговите претходни проекти „Електра“ и „Соларис“ во Македонскиот Народен Театар. Претставата „Едвард Втори“ премиерно беше изведена на „Охридско лето“ на 6-ти август 2023, а потоа и на сцените во Велес, Пловдив и Битола, каде беше отворен фестивалот „Битола Шекспир“ на 28-ми јуни оваа година.

МЕСС е најстариот театарски фестивал во Југоисточна Европа, основан во 1960 година, и познат по иновативниот пристап и поддршката на смели уметнички проекти. На овој фестивал со децении учествувале врвни режисери како Питер Брук, Роберт Вилсон, Еуџенио Барба, Франк Касторф и други.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни