Секојдневното земање мултивитамини може да го успори биолошкото стареење, покажува ново истражување објавено во реномираниот научен весник Nature Medicine. Студијата откри дека кај постарите лица, кои секојдневно земале додаток на храна две години, биолошкото стареење било забавено за околу четири месеци во споредба со оние кои не го користеле.
Ефектот бил поизразен кај луѓе кои веќе покажувале знаци на побрзо биолошко стареење, односно кога нивната биолошка возраст била поголема од хронолошката. Авторот на студијата, Ховард Сесо, епидемиолог од Brigham and Women’s Hospital во Бостон, истакнува дека целта на ваквите истражувања не е само да се живее подолго, туку и да се живее подобро.
Иако резултатите сеуште не се доволни за конкретни клинички заклучоци, се чини дека редовното земање мултивитамини две години води кон позитивна траекторија во забавување на стареењето.
Новото истражување ја потврдува можноста витамините да имаат влијание, барем делумно, на стареењето. Студијата била спроведена како ригорозен клинички експеримент со речиси 1000 учесници, што ја прави посебно релевантна.
Сепак, претходните големи анализи генерално не пронашле силни докази дека витамините и минералите значително го продолжуваат животот или ја намалуваат опасноста од сериозни болести кај општата популација. На пример, мета-анализа на Cochrane со повеќе од 200.000 учесници покажала дека витамини како А, Ц, Е и бета-каротен не го намалуваат вкупниот ризик од смрт, а кај некои антиоксиданси забележани се и благо зголемени ризици.
Поради тоа, многу експерти сметаат дека додатоците на храна најмногу помагаат кога постојат реални нутритивни дефицити, додека кај здрави луѓе нивната корист за долг живот останува слабо поткрепена со докази.
Што е биолошка возраст?
За да се разбере новото истражување, важно е да се појасни поимот биолошка возраст. За разлика од хронолошката возраст, која се мери во години, биолошката возраст го проценува вистинското “износување” на телото. Двајца луѓе на 70 години можат значително да се разликуваат по состојбата на клетките, органите и метаболичките процеси.
Затоа, научниците развиле епигенетски часовници – молекуларни методи кои ја мерат брзината на стареењето. Тие се базираат на епигенетски промени на ДНК кои не го менуваат генетскиот код, но влијаат на тоа кои гени се активираат или исклучуваат. Најзначајната од овие промени е метилацијата на ДНК, која се менува со возраста и помага да се процени биолошката возраст на организмот.
Како е спроведено истражувањето?
Истражувањето било дел од проектот COSMOS (COcoa Supplement and Multivitamin Outcomes Study) и го водел тим од Mass General Brigham и Harvard T.H. Chan School of Public Health. Во него учествувале 958 здрави лица со просечна возраст од околу 70 години. Тие секојдневно две години земале мултивитамин, екстракт од какао богат со флаваноли или плацебо.
Учесниците давале примероци на крв на почетокот, по една и по две години. Во овие примероци се анализирале промени на пет различни епигенетски часовници на стареење, вклучувајќи ги GrimAge и PhenoAge, кои се најпознати модели за мерење на биолошката возраст.