Сакате да ја проверите вашата физичка подготвеност без скапи медицински тестови или напорно трчање во студено зимско време? Едноставен тест со склекови може да ви каже многу за вашата сила и кардиоваскуларно здравје. Не само што е одлична вежба за вашите гради, рамена, трицепс и стомачни мускули, туку е и, според клиниката Мајо, добар начин за „мерење на мускулната сила и издржливост“.
Како правилно да се направи склек?
Важно е да се нагласи дека склековите мора да се изведуваат последователно и со соодветна форма за да се бројат. Почетниците можат да започнат со нивно изведување на колена за постепено да ја зголемат силата.
Легнете на подот, потпрете се на прстите и поставете ги дланките малку пошироки од рамената. Подигнете го телото нагоре додека не биде исправено, со грбот паралелен со подот, додека рацете не ви се целосно испружени. Потоа спуштете се контролирано и повторете го движењето.
Колку склекови треба да можат да прават жените?
Фитнес тренерите Фреди Чат и Адам Кларк го споделија за Women’s Health препорачаниот број на склекови за жени, во зависност од возраста:
- 15 до 19 години – 18 до 24 склекови
- 20 до 29 години – 15 до 20 склекови
- 30 до 39 години – 13 до 19 склекови
- 40 до 49 години – 11 до 14 склекови
- 50 до 59 години – 7 до 10 склекови
- 60 до 69 години – 5 до 11 склекови
- 70 до 79 години – 3 до 8 склекови на колена
- 80+ години – 2 до 5 склекови на колена
И колку мажите?
Според анализата на клиниката Мајо, препорачаниот број на склекови за мажи е како што следува:
- 25 години – 28 склекови
- 35 години – 21 склекови
- 45 години – 16 склекови
- 55 години – 12 склекови
- 65 години – 10 склекови
Користете ги резултатите како мотивација
Експертите советуваат да ги користите овие бројки како мерка за напредок на почетокот од тренингот. „Ако вашиот број на склекови е под целниот број, користете ја целта како мотивација за работа. Броевите над целите значат подобра физичка подготвеност“, велат тие.
Без оглед на вашите резултати, користете ги како поттик да бидете поактивни. Со редовно вежбање, би можеле да се изненадите себеси и да ги достигнете резултатите на луѓе на половина од вашите години.
