Еднонеделен штрајк во Фолксваген

Од денеска штрајкуваат вработените во најголемата европска автомобилска индустрија – Volkswagen. Според претставник на синдикатот ИГ Метал, работниците неколку часа во денот нема да работат, а времетраењето на штрајкот ќе зависи од напредокот на понатамошните преговори помеѓу синдикатот и раководството на компанијата.

Синдикалните лидери и германската автомобилска компанија не успеаја да се договорат како да ги намалат трошоците во услови на слаб пазар на електрични возила и жестока конкуренција. Синдикатот минатата недела предложил мерки со кои би се заштедиле 1,5 милијарди евра, вклучително и откажување од бонуси за 2025 и 2026 година, но овој предлог не бил прифатен од Фолксваген. Од друга страна, компанијата побарала намалување на платите за 10%, тврдејќи дека треба да ги намали трошоците и да го зголеми профитот за да го одбрани пазарниот удел наспроти евтината конкуренција од Кина и падот на европската побарувачка за автомобили.

Штрајкот којшто започна од денеска е ескалација на недоразбирањата поради масовни отпуштања, намалувања на платите и можно затворање на погоните. Последната рунда разговори меѓу VW и синдикатот заврши без договор, а разговорите треба да продолжат на 9 декември.

Фолксваген во Германија вработува околу 300.000 работници и управува со 10 фабрики.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни