Основниот суд во Приштина одреди притвор во траење од еден месец за поранешниот министер за економски развој на Косово, Фадил Исмаили, како и за уште шест лица, кои беа уапсени во четвртокот под сомнение за вмешаност во коруптивни дејствија.
Покрај Исмаили, притвор им е определен и на лица со иницијали Ј.М., Н.К., М.Б-Д., Б.Д., Ш.Т. и Г.Л., соопшти судот.
„Судијата на претходна постапка, по сослушувањето на странките и анализата на предметот, утврди дека барањето на Специјалното обвинителство на Република Косово е основано и донесе одлука за определување мерка притвор во траење од еден месец за сите осомничени“, се наведува во соопштението на судот.
Судот оцени дека притворот е соодветна и неопходна мерка за обезбедување непречен тек на кривичната постапка и дека, во оваа фаза, не постои поблага мерка која би ја гарантирала истата цел.
Против ова решение, осомничените имаат право на жалба до Апелациониот суд во Приштина.