Најголемиот шумски пожар во Франција ова лето се прошири брзо во медитеранскиот регион во близина на границата со Шпанија, при што загина едно лице, соопштија властите.
Министерството за внатрешни работи објави дека пожарот се проширил на 13.000 хектари, површина поголема од Париз. Едно лице загина во својот дом, девет други се повредени, вклучувајќи седум пожарникари, а најмалку едно лице се води како исчезнато, соопштија локалните власти.
Околу 2.000 пожарникари и неколку авиони се бореа со пожарот што избувна во вторник попладне во селото Рибо во регионот Од, рурална, пошумена област каде што се наоѓаат винарии каде што временските услови беа неповолни.
Жак Пиро, градоначалник на селото Жонкиер, изјави за телевизијата BFM, откако го посети селото за да ја процени штетата, дека сите жители се евакуирани.
„Изгледа како месечев пејзаж, сè е изгорено. Повеќе од половина или три четвртини од селото е изгорено. Тоа е пекол“, рече Пирао.
На жителите и туристите во блиските области им беше кажано да останат во своите домови освен ако пожарникарите не им наредат да се евакуираат. Два кампа се евакуирани како мерка на претпазливост. Се очекува францускиот премиер Франсоа Баиро да го посети регионот денес попладне, објави неговиот кабинет.
Јужна Европа беше погодена од големи пожари ова лето. Научниците предупредуваат дека климатските промени ја влошуваат фреквенцијата и интензитетот на топлината и сушата, правејќи го регионот поранлив на пожари.
Европа е континентот што се затоплува најбрзо во светот, со температури што растат двојно побрзо од глобалниот просек од 1980-тите години, според Службата за климатски промени „Коперникус“ на Европската унија.