Едно лице загина, десет повредени во торнадо северно од Париз

Силно торнадо синоќа го погоди градот Ермон, сместен северно од Париз, при што едно лице загина, а повеќе се повредени.

Според регионалниот обвинител Гирек Ле Бра, животот го загубил 23-годишен градежен работник кој работел на градилиште, а повредени се десет лица, од кои четворица се во критична состојба.

Силните налети на ветер предизвикале голема материјална штета – дрвја биле искорнати, покриви од куќи и објекти откорнати, а автомобили превртени. Три градежни крана се урнале врз медицинско-образовниот институт во Ермон, предизвикувајќи дополнителни оштетувања, но без човечки жртви.

На местото на несреќата биле испратени околу 80 пожарникари, 50 полицајци и 20 екипи на итна помош. Властите од префектурата Вал-д’Оаз соопштија дека досега се регистрирани над 700 повици и повеќе од 320 интервенции, нарекувајќи го настанот „сериозен климатски инцидент со неочекувано силни налети на ветер“.

Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез на социјалната мрежа Икс изјави дека станува збор за „бура со исклучително редок и ненадеен интензитет“. Тој изрази поддршка на спасувачките служби и сочувство до семејството на загинатиот работник.

Торнадото, освен што урнало неколку кранови, предизвикало и сериозни прекини во сообраќајот. Железничките линии меѓу Шан-де-Мар и Понтоаз се во прекин во двата правци поради оштетени електрични водови, а паднати кабли блокирале и дел од патиштата.

Локалните власти ги повикаа граѓаните да избегнуваат патување во погодените области. Околу 1 700 домаќинства останале без електрична енергија, а десетици жители се евакуирани и засолниште им е обезбедено во локалната спортска сала.

Извор:360степени

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни