Во Ужице денеска е најавена деветчасовната блокада на главниот пат како форма на притисок врз институциите за итно ослободување на сите девет уапсени граѓани.
Организаторите ќе обезбедат алтернативен излез од градот во текот на целиот ден, објави опозициската група „Ужичка акција“.
Оттаму, додаваат дека паркингот е обезбеден за сите гости од други места на локациите означени на мапите објавени на социјалните мрежи, а поради големиот број учесници што го очекуваат, препорачаа „исклучиво мирно движење преку мостот Ложиница“.
„Ги покануваме сите граѓани кои не се согласуваат со неправдата, институционалното насилство и колапсот на владеењето на правото, да испратат јасна порака со своето присуство на Градскиот плоштад во Ужице во 16:00 часот. Ужице не молчи, не клечи и не се согласува. Да се спротивставиме достоинствено, масовно и храбро на неправдата. Ова е тест за сите нас“, се вели во соопштението.
Претседателот на советничката група „Ужичка акција“, адвокатот Радован Новаковиќ, е едно од деветте лица уапсени за време на протестите што со денови се одржуваат во овој град во западна Србија.
Организаторите ги поканија сограѓаните да дојдат на четири контролни пунктови, во зависност од близината на нивното живеалиште, а покрај жителите на Ужице, се очекува и масовна поддршка од околните градови.
Ужице е српскиот град на пркосот
Сместен во западна Србија, на падините на Златибор и во близина на границата со Босна и Херцеговина Ужице се смета за еден од градовите херои кај нашиот северен сосед.
Тоа се должи најмногу на Ужичката република за време на Втортата светска војна.
Имено, само неколку месеци по окупацијата на Нацистите, во ноември 1941 година Ужице било привремено ослободено на 67 денови.
Ужичката република од 24 септември до 29 ноември 1941 година , за време на Втората светска војна , била под контрола на Народноослободителното партизанско движење, а центарот на територијата, по кој е именувана, бил токму Ужице а во состав на „Републиката“ бил и градот Чачак.
Во 1941 година, партизанската фабрика за оружје и муниција во Ужице, била единствената фабрика во окупираниот дел од Европа што произведувала оружје за борба против фашизмот.
По завршувањето на војната, Ужице (заедно со девет други градови меѓу кои и Велес) го добило префиксот Титово.
Тоа било една од причините зошто Ужице добил голема финансиска помош од државата и големи инвестиции во инфраструктурата и локалната индустрија. Во текот на следните децении, Ужице прераснал во еден од поголемите и поразвиените градови во СФРЈ, сè до нејзиниот распад. По распадот на СФРЈ, во 1992 година , Ужице го изгубил придавката „Титово“.

Foto: Slavica Panić/Nova.rs
Градот на „комплет лепиња“ и Немања Видиќ
Во последните две децении Ужице како и целиот Златиборски округ прераснува во сериоен сточарски и туристички крај.
Покрај сточарството, во Ужице е развиено и земјоделството, односно овоштарството, а еден локален гурмански специјатет благодарение на бројните туристи, стана и регионално познат.
Станува збор на „Ужичка, односно комплет лепиња“ брз и вкусен оброк кој се консумира претежно во зимските денови (поради неговата силна калоричност) а кој се прави од тазе испечени лепчиња во кои се става јајце, кајмак, пршута и претоп (маснотии што остануваат од јагнешко или свинско печење)
Најпознат граѓанин на Ужице е некогашниот фудбалер Немања Видиќ кој своевремено беше капитен на Манчестер јунајтед со кого ја освои и Лигата на Шампоионите.
Видиќ во изминатите денови можеше да се види како со своите сограѓани протестира на улиците на неговиот град.