Романот „Една книга“ од авторот Валентин Нешовски ќе биде претставен денеска во Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Како што соопштија од Македонскиот културно-информативен центар, романот е напишан со исклучително добра смисла за хумор, богата ерудиција, длабоки филозофски пораки и оригинална метафорика.
Книгата ја издаде издавачката куќа од Бургас „Либра Скорп“ со финансиска поддршка на македонското Министерство за култура и туризам. Преведувач е Наталија Недјалкова, а уредник на бугарското издание е Роза Бојанова.
Книгата ќе ја претстават Наталија Недјалкова, Роза Бојанова и авторот Валентин Нешовски.
-Македонскиот писател Валентин Нешовски своите размислувања ги наслови „Една книга“. Под навидум непретенциозниот наслов се крие дело исклучително богато со содржина и опфат на теми, идеи и проблематика. Жанрот се колеба помеѓу фантастиката, која достигнува до фантазмагории, преминува низ филозофија, наука, религија и доаѓа до глобални размислувања за минатото, сегашноста, иднината, за вештачката интелигенција, за универзумот, простор-временскиот континуум, бесконечноста и единството на реалноста. Сето ова вешто споено, умерено комбинирано и елегантно испреплетено, на читателот му поставува повеќе прашања отколку што дава одговори. Во комбинација со совршениот превод на бугарски јазик од Наталија Недјалкова, книгата успева да му ги претстави на читателот во исклучително пристапна, пријатна и забавна форма тешките филозофски мисли кои се претставени овде во уметничка форма, вели издавачот Денчо Михов за романот.
Валентин Нешовски е роден 1965 година. во Скопје, Р. С. Македонија. По дипломирањето на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ работел како новинар и уредник во весниците „Нова Македонија“, „Македонија денес“, „Денес“ и „ЗУМ Магазин“. Бил дописник на повеќе странски медиуми. Во 2000 година ја доби новинарската награда на УНХЦР за најдобра приказна од бегалските кризи во светот. Текстот е објавен во многу реномирани списанија ширум светот.
Нешовски работи за повеќе меѓународни организации како консултант за односи со јавноста, комуникации и медиуми. Во својата консултантска кариера има подготвено и уредувано неколку публикации поврзани со односите со јавноста и Европската Унија.