Во говорот што траеше речиси 20 минути, Трамп уште на почетокот ја постави главната рамка: проблемите со кои се соочува земјата не се негова одговорност. Тој повеќепати го спомена поранешниот претседател Џо Бајден, обвинувајќи го за состојбата во економијата, криминалот, здравството и имиграциската политика. Високите трошоци за живот ги опиша како привремени и најави дека САД се „на праг на економски бум каков што светот не видел“.
Трамп обраќањето го одржа од Дипломатската сала за прием во Белата куќа, стоејќи зад говорница, во амбиент што потсетуваше на неговите митинзи. Иако просторот беше празнично украсен, говорот содржеше малку емпатија кон граѓаните кои се борат со високите цени на храната, домувањето и празничните подароци. Единствената празнична порака дојде на самиот крај, со кратка честитка за Божиќ и Нова година.
И покрај најавите од Белата куќа дека можеби ќе претстави нови политики, Трамп не понуди конкретни нови иницијативи. Тој спомена дека администрацијата ќе се насочи кон поагресивни политики за домување во наредната година, најави именување нов претседател на Федералните резерви и претстави план за исплата на чекови од 1.776 долари за американските војници. Остатокот од говорот беше исполнет со теми карактеристични за неговите настапи на митинзи.
Забележливо беше и тоа што надворешната политика доби ограничен простор. Иако во последно време се заоструваат односите со Венецуела, а администрацијата најави блокада на санкционирани танкери со нафта, Трамп во говорот само накратко се осврна на меѓународните прашања, фокусирајќи се претежно на економијата и внатрешните теми.
Според извори блиски до Белата куќа, сојузниците на Трамп го советувале да се концентрира повеќе на прашања што директно ги засегаат граѓаните. Во ова обраќање, барем формално, тој го следеше тој совет, ставајќи го акцентот на „кујнските“ теми и економската состојба во земјата.
Извор: Yahoo
