Од М-НАВ потврдуваат дека проблемот е настанат на радарската глава „Алениа – Бањски Рид“ и дека веќе е порачан дел од Италија за да се изврши поправка. Додека не се реши дефектот, контролорите ќе слетуваат авиони еден по еден, што значи дека ако во ист момент пристигнат повеќе летови, дел од нив ќе мора да кружат над аеродромот.
„Ова е технички квар од електронска природа какви што се случуваат во авијацијата. За вакви ситуации постојат безбедносни процедури, така што нема никаква опасност за патниците или летовите. Единствената промена е тоа што ќе има ограничување на бројот на авиони што можат да се опслужат во еден час“, изјави претседателот на Управниот одбор на М-НАВ, Владимир Ристески.
Тој додава дека дефектот нема да влијае врз контролата на летовите на големи височини, бидејќи таму се користат и грчки и бугарски радари.
Контролорите на летање претходно во летниот период се заканија со штрајк поради дотраената опрема, предупредувајќи дека не само радарите, туку и софтверот и другата техника се на работ на отказ. По ветувањата на новиот менаџмент дека наскоро ќе се инсталира целосно нов систем, штрајкот беше одложен.
„Со Синдикатот договоривме новата опрема да се инсталира во зимскиот период, кога сообраќајот е значително намален. Станува збор за сложена операција која не може да се изведе преку ноќ, а дополнително и италијанскиот добавувач доцнеше со испораката“, рече Ристески.