Избирачките места на парламентарните избори во Албанија вчера вечер беа затворени во 19 часот, а првите податоци покажуваат дека Социјалистичката партија на актуелниот премиер Еди Рама е на прагот да освои повеќе од 50 отсто од гласовите.
Според излезните анкети на кои се повикуваат медиумите, Социјалистичката партија на Рама може да смета на 51,8 отсто од гласовите или 79 мандати.
Демократската партија на Сали Бериша ќе освои околу 38 отсто од гласовите, што би ѝ донело 54 места во парламентот.
Централната изборна комисија соопшти дека, врз основа на податоците до 18 часот, излезноста била 41,37 отсто, што е за неколку проценти помалку во споредба со претходните избори.
Во 2021 година, еден час пред затворањето на избирачките места, на гласање излегоа приближно 45,48 отсто од избирачите.