Еден загинат и 29 повредени во земјотресот што ја погоди Турција

Во земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, кој синоќа ја погоди регионот Баликесир и беше силно почувствуван во Истанбул и повеќе други градови, едно лице загина, а 29 се повредени.

Турскиот министер за внатрешни работи, Али Јерликаја, соопшти дека починал 81-годишен маж кој претходно беше извлечен жив од урнатините на една станбена зграда во Сундерга. Иако веднаш му била пружена медицинска помош, на жалост тој починал.

Министерот додаде дека состојбата на повредените е стабилна и дека нема опасност по нивниот живот. Во земјотресот се оштетени 16 згради во руралните делови на регионот.

Агенцијата за управување со катастрофи и вонредни ситуации информираше дека ноќните операции за пребарување и спасување се прекинати, а денеска е планиран деталниот увид во состојбата на зградите. Дополнително, од соседните области се испратени засилувања за помош. Граѓаните се предупредени да не влегуваат во оштетените објекти поради ризик од нови потреси.

Опсерваторијата Кандили објави дека главниот земјотрес бил проследен со најмалку три поинтензивни повторни потреси со јачина од 4,6, 4,1 и 4,0 степени, како и со околу 15 помали потреси со магнитуда над 3.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни