Постои момент кога јавниот срам престанува да биде индивидуален и станува колективен. Кога веќе не е важно кој згрешил, туку што сме дозволиле да се случи. Јавните интервјуа често откриваат повеќе од биографиите, затоа што токму низ неколку тивки реченици, изговорени во погрешен контекст, се разоткрива она што системот со години се обидува да го сокрие.
Во обид да се одговори на прашање за Истанбулската конвенција, на површина излезе сосема друга тема. Не како несреќна формулација што може да се припише на трема или лапсус, туку како симптом на подлабок јаз меѓу функцијата што се бара и знаењето што треба да ја носи со себе. Не станува збор за еден погрешен одговор, туку за систем во кој одговорноста одамна престанала да биде предуслов, а суштинските прашања лесно се заменуваат со општи места.
Додека во Латвија илјадници луѓе излегуваат на масовни протести за да го одбранат документот што значи заштита, кај нас јавната реакција се сведе на обид да се исмее туѓата грешка. Но ова не е ситуација за потсмев, ниту за вперување прст. Ова е аларм. Затоа што општествата не пропаѓаат кога прават грешки, туку кога одбиваат да ги сфатат сериозно.
Јавното интервју за избор на член во Комисијата за заштита од дискриминација помина како уште една од оние сцени што на прв поглед изгледаат банално, а всушност зборуваат повеќе од што сакаме да признаеме. Во поинакво општество, ова би било доволно јасен сигнал. Кај нас, тоа се претвори во уште една дебата за тоа дали навистина е проблем.
Сè уште живееме во култура во која се аплаудира самото присуство на жена на позиција, без притоа да се постави прашањето: дали таа позиција ќе значи заштита за другите жени? Го славиме фактот дека „има жена“, како да е тоа автоматска гаранција за емпатија, знаење или храброст. А не е. И никогаш не било.
Истанбулската конвенција не е апстрактен меѓународен документ. Таа не е идеолошки симбол, ниту тема за културолошка дебата. Таа е правна рамка што треба да значи живот за жените што живеат со насилство, и смртна казна за системската рамнодушност. Кога некој што треба да одлучува за еднаквост, недискриминација и родово базирано насилство не знае што таа конвенција значи – проблемот не е во незнаењето. Проблемот е во тоа што тоа незнаење е дозволено.
А дозволено е со причина.
Жена која не знае дека е жртва, нема да побара заштита. Жена која не знае дека насилството не е „приватна работа“, нема да го пријави. А институција која нема жртва – нема ниту неуспех што треба да го признае. Нема статистика, нема одговорност, нема насилник што мора да се соочи со системот. Само тишина. И архиви на црна хроника.
Додека вниманието се троши на објаснувања и толкувања, реалноста продолжува без пауза. Бројките растат, а фемицидите одамна престанаа да бидат изолирани случаи – тие се крајна точка на долг процес на игнорирање. Линиите за помош постојано ѕвонат, жените пријавуваат насилство, па повторно се враќаат во истите домови. Некои не се враќаат воопшто. И додека тоа се случува, јавниот простор сè уште е зафатен со дебати за тоа дали Истанбулската конвенција е „разбрана правилно“.
Институциите ретко одговараат со глас – почесто одговараат со молк. Тој молк не е случаен, ниту неутрален. Тој значи одлука да не се отвораат теми што ја разоткриваат длабочината на проблемот. Вработените во системот се научени насилството да го третираат како поединечен „случај“, а не како последица од години погрешни приоритети и отсуство на политики.
Системска поддршка речиси и да не постои: нема материјална сигурност што би ѝ дала избор на жената да замине, ниту долгорочна психолошка помош што би ѝ помогнала да преживее по пријавувањето. Наместо јасна позиција, државата со години избегнува да застане и да каже дека насилството врз жените е централно, итно и приоритетно прашање. Не како декларација, туку како морална обврска. А додека тоа изостанува, молкот останува најконзистентната институционална практика.
Не, проблемот не е во погрешното толкување. Проблемот е во свесното одбивање да се разбере.
И затоа ова не е партиски неуспех. Ниту е само институционален. Ова е општествен неуспех. Неуспех да инсистираме на знаење. На одговорност. На минимални стандарди кога станува збор за животите на жените. Неуспех да кажеме дека не е доволно некој да биде жена, туку мора да знае што значи да се заштитат жените.
Особено е застрашувачки кога незнаењето доаѓа од позиции што треба да носат авторитет. Кога формалното образование постои, а суштинското разбирање отсуствува. Кога државата треба да биде штит, а станува филтер што пропушта насилство.
И тука мора да престанеме да глумиме изненадени.
Општество што не ги едуцира жените за нивните права, свесно создава жртви. Општество што дозволува вакви избори, создава услови за уште поголемо насилство. И општество што аплаудира „женска застапеност“ без содржина, учествува во таа тишина.
Истанбулската конвенција не е проблемот. Таа е тестот. А ние, повторно, паднавме. И цената не ја плаќаат оние што грешат на интервјуа. Ја плаќа една жена – со својот живот.
