Европскиот центар за правата на Ромите (ЕЦПР) денес објави ново истражување за напредокот на Северна Македонија во процесот на деинституционализација на децата под државна заштита. Извештајот со наслов „Промена што ветува: децата Роми под државна заштита во Северна Македонија“ обезбедува вредни опсервации за влијанието на деинституционализацијата врз ранливите деца Роми и нивните семејства, достапноста на заштита и поддршка во заедницата, и препораки како да се осигури успешна деинституционализација.
Претседателот на ЕЦПР, Ѓорѓе Јовановиќ, изјави дека „поради преголемата застапеност на Ромите во системите за државна заштита, ЕЦПР смета дека институционализацијата на децата Роми во Европа претставува форма на етничко насилство што се врши врз нашите заедници. Деинституционализацијата ги спасува децата Роми да не растат во средина којашто ниедно дете никогаш не смее да ја доживее. Иако Северна Македонија прави значајни напори за надминување на ваквото насилство, сепак ѝ престои долг пат до ставање крај на институционалниот расизам, дискриминација и насилство со кои децата Роми пречесто се сретнуваат во системот за државна заштита.“
Извештајот дава признание за заложбите на Владата на Северна Македонија и нејзината посветеност за да се осигури дека ниту едно дете на возраст под 18 години не е сместено во институција по 2020 година. Преку екстензивно истражување, вклучително и интервјуа со претставници на институции, даватели на услуги, невладини организации, персонал за домашна нега, родители од згрижувачки семејства, родители и млади луѓе кои имаат лични искуства со државната заштита, извештајот го нагласува значајниот напредок направен во однос на деинституционализација. Истовремено, извештајот го нагласува затворањето на големите институции за давање нега на деца и владината одлучност системот на заштита со сместување во институции да го замени со поддршка во заедницата и услуги за живеење во заедницата.
Сепак, извештајот фрла светло и врз повредите на човековите права на децата Роми со кои тие се соочуваат кога се ставени под државна заштита, преку решавање на прашањата како што се физичко насилство, дискриминација и непостоење на систем за поддршка по напуштање на институцијата. Истражувањето на ЕЦПР беше од суштинско значење за поднесување тужби и застапување за борба против расистичките практики и промоција на семејната поддршка. Исто така, извештајот го насочува вниманието кон позицијата на децата Роми во други земји, нагласувајќи ја потребата од сеопфатни реформи за деинституционализација.
Од ова истражување јасна е итната потреба за непречена меѓу-секторска координација за поддршка на младите луѓе кои ефективно го напуштаат системот на државна заштита. ЕЦПР ги повикува властите проактивно да работат на тоа сиромаштијата, попреченоста и етничкото потекло да не бидат неправедни причини за разделување на децата од нивните биолошки семејства. Отстранување на децата од нивните семејства треба да се смета за мерка во краен случај, а приоритет секогаш треба да се даде на најдобриот интерес на детето. Од суштинска важност е Северна Македонија да ги одржува и да ги применува стандардите за квалитет и јасните насоки за заштита на децата.
ЕЦПР ги повикува властите во Северна Македонија да ја продолжат својата заложба за деинституционализација, преку обезбедување на континуирано подобрување на следењето и евалуацијата и преку распределување на неопходните ресурси. Тоа вклучува холистичка поддршка за ранливите деца, вклучително и домување, образование, здравствена заштита, и постојана поддршка за младите луѓе кои транзитираат вон системот за државна заштита.
Целиот извештај „Промена што ветува: децата Роми под државна заштита во Северна Македонија“ е достапен на овој ЛИНК.