Европската централна банка (ЕЦБ) ги задржа тековните каматни стапки, бидејќи инфлацијата во еврозоната се врати на околу проектираните два процента, а економијата изгледа отпорна, изјави денеска претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард.
Таа додаде дека се намалени дел од ризиците од економски пад во еврозоната со трговскиот договор помеѓу Европската Унија и САД, прекинот на огнот во Појасот Газа и трговското примирје меѓу САД и Кина.
Каматната стапка на депозитите, како референтна вредност на монетарната политика на ЕЦБ, беше задржана на два проценти, како што е од јули.
Сепак, ЕЦБ тврди дека изгледите се неизвесни, главно поради геополитичките спорови.
Еврозоната се соочува со неколку предизвици, вклучувајќи ги царините наметнати од Вашингтон, кинеско-американскиот трговски конфликт и тензиите околу извозот на ретки метали, што би можеле да влијаат на европската индустрија.
Евростат денеска објави дека растот на бруто домашниот производ (БДП) во еврозоната нагло се зголеми во третиот квартал и сега изнесува 0,2 проценти.