ЕЦБ: Банкарскиот сектор во еврозоната мора да ја зајакне ликвидноста во долари

Банките во еврозоната треба да ја зголемат ликвидноста во американски долари за полесно справување со можни нагли промени на девизните курсеви и за намалување на финансиските ризици, соопшти Европската централна банка (ЕЦБ).

ЕЦБ уште во мај предупреди дека „ненадејни промени во американската царинска политика, во рамки на пошироките геополитички турбуленции со економски и финансиски последици“, може во наредниот период да ја „тестираат“ финансиската стабилност на еврозоната.

Во извештајот од истиот период се посочува дека инвеститорите во одредени случаи „невообичаено“ ги повлекувале средствата од традиционално сигурни форми на капитал, како што се американските државни обврзници и самиот долар. Некои европски банки, кои имаат силни меѓународни врски и посредуваат во набавка на доларска ликвидност, досега не се соочиле со значителни потешкотии – девизните пазари и понатаму функционираат уредно, без сериозни ограничувања во пристапот до финансирање преку репо-трансакции и девизни свопови.

Иако дел од неизвесноста предизвикана од трговските политики се намалила од април наваму, таа сè уште не е исчезната и би можела повторно да се засили, оценува потпретседателот на ЕЦБ, Луис де Гиндос, во најновиот извештај за финансиската стабилност.

ЕЦБ предупредува дека на банките би им бил потребен поголем маневарски простор за апсорбирање на можно поостри осцилации на валутите, имајќи ја предвид нивната улога како посредници на меѓународните финансиски пазари. „Банките треба да поседуваат ликвидна актива во американски долари за да ги амортизираат одливите и да делуваат како стабилизирачки фактор“, наведува централната банка.

Извештајот нагласува и дека американските финансиски пазари „во голема мера“ ги креираат глобалните услови за финансирање, бидејќи токму таму се формираат реалните каматни стапки што влијаат на светската економија. Поради тоа, еврозоната би можела да се соочи со ризици доколку дојде до хаотични промени на девизните курсеви, што би ја намалило конкурентноста на европската економија и би ги зголемило трошоците за финансирање на државите, компаниите и банките.

Во меѓувреме, доларот ослабна, а приносите на американските државни обврзници пораснаа, отворајќи го прашањето дали американската валута ја губи улогата на „сигурно прибежиште“ за капиталот. Стручњаците на ЕЦБ посочуваат дека инвеститорите од еврозоната моментално држат доларски хартии од вредност во вкупна вредност од шест билиони евра, што ја прави стабилноста на американската валута критична за европскиот финансиски систем.

Во извештајот се истакнуваат и дополнителни ризици, меѓу кои прегреани берзански цени, високи долгови, заштитни трговски мерки и растечкиот пазар на криптоактиви. Препораките на ЕЦБ не се обврзувачки, но се сметаат за важен сигнал за банките под нејзина супервизија, наведува „Ројтерс“.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни