„Mрзливо“ утро на почетокот на август. Станувам рано без да ми звони алармот на телефонот. Наспана. Низ прозорецот влегува мирис на свежо утро. Одам до кафематот без шминка, со несредена коса и неиспеглан фустан. Боса. Не викам никому да побрза, да го земе ранецот, да облече јакна.. не доцнам никаде. Го пијам кафето на мала дрвена маса во дворот, наместо во кола на црвено додека веќе трет пат чекам да поминам на семафорот, а доцнам. Секогаш доцнам….телефонот веќе звони неколку пати додека барам паркинг и имам ужасна потреба за уште едно кафе. Веќе имам колку? Три? Четири? Или повеќе „табови“ отворени во глава?

Наместо хаос и врева, одбирам спокој и тишина. Живеам поинаку. Островски. Уживам во кафето додека прелистувам мејлови и пораки. Излегувам. Пазарам, шетам покрај море… низ тесните улички покрај старите камени куќи со саксии со лаванда, маслини и смокви. „Камижели“ обраснати со ползавци и обвиткани со спомени и одамна заборавени приказни за нечии животи. Времето како да стои. Движи само морето и по некој облак.

Наутро, додека островот сè уште дреме, ривата се буди со првите рибарските бродови кои пристигнуваат. Место каде времето не се брои во часови, туку во пристигнувања и заминувања на бродовите. Животот овде колку и да се менува, секогаш почнува и завршува со морето.
Нема гужви, врева, луѓе кои брзаат, коли кои свират, нема неодговорени мејлови, задачи кои се преклопуваат, нема набрзина испиени кафиња и прескокнати доручеци…
Има книги, креми за нега на лице, однапред испланиран ручек, попат скинати смокви, марами во коса… И „фјака“ , простор во денот кога ќе се спојат морето, сонцето и попладневната жега во длабока опуштеносот, хармонија и спокој.

Свежа риба и малку зелечук. Едноствно. Љубов во чинија. Праски и смокви. Сок со лимета…
Во време кога се чини дека животот станал натпревар во издржливост и убавина, додека се бара да сме совршени жени, беспрекорно одговорни мајки, вредни вработени, совршени љубовници, со средена коса нокти, куќа, секогаш и секаде на време, концептот на Easy Living е потсетник дека сме исто толку вредни кога не сме се што навидум треба да сме.
Островот е засолниште, личен простор за ресет, инспирација и длабококо земен воздух. Смеа. Топлина и љубов. Ова не е само географска точка, тој е состојба на умот, начин на живот кој ме потсетува дека едноставноста е луксузот што најмногу ми недостасува. Место каде не се бара совршенство, туку се празнува автентичноста. Инвестицијата е времето што си го давам себеси. Начин да се вратам кон она што навистина сум.

Да се сетам на она кое што сум го заборавила- дека сум доволна, токму таква каква што сум.
Се враќам повторно дома… Таму каде што секогаш живее дел од мене. Мал остров ја Јадранот и камена куќа со спомени на генерации на жени чии приказни живеат во камените ѕидови огреани од утринско сонце
Островот не е само место. Тоа е одлука да живеам со леснотија, без вина и со отворено срце.
На сите ни е потребен по еден остров. Барем неколку недели во годината…