Е-комерц 2025: Вештачката интелигенција и маркетингот го обликуваат новото време на дигиталната трговија

Осмата регионална конференција за е-трговија во Скопје ја истакна улогата на вештачката интелигенција, персонализацијата и иновативниот маркетинг во обликувањето на иднината на дигиталната трговија.

Во Националната опера и балет во Скопје минатата недела се одржа Осмата регионална конференција за е-трговија, во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Настанот, кој прерасна во најголемиот и најзначаен од ваков вид во регионот, оваа година донесе нов концепт – две паралелни сцени со инспиративни предавања и интерактивни работилници посветени на дигиталната трансформација и иновациите во е-комерцот.

Според организаторите, конференцијата и оваа година ги обедини повеќе од 800 учесници – претприемачи, директори, менаџери, експерти од областа на е-трговијата и маркетингот, како и претставници на државни институции и невладини организации. Присутни беа гости од Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Бугарија, Грција и Хрватска, што уште еднаш ја потврди регионалната важност на настанот.

Дигиталната трансформација како двигател на новото време

Една од говорничките на конференцијата, Марина Ангеловска од Booking.com, вели дека начинот на користење на интернетот драматично се менува, а со тоа и целата е-комерц индустрија.

„Начинот на користење на интернетот се менува сè повеќе и повеќе, и е-комерц индустријата – посебно во светот, а и во регионот, како што видовме денеска од презентациите – се менува, и луѓето се навикнуваат на онлајн навиките сè повеќе и повеќе,“ изјави Ангеловска.

Таа додаде дека вештачката интелигенција и е-комерцот денес функционираат рака под рака, носејќи нови решенија за компаниите и полесно искуство за корисниците.
„Вештачката интелигенција може навистина да го поедностави животот – и на корисниците и на луѓето кои ги развиваат системите. Таа овозможува многу полесно пребарување онлајн, поедноставен начин на наоѓање на тоа што го сакаме и генерално го олеснува секојдневието,“ рече Ангеловска.

Angel Angelovski photo

Традицијата и иновацијата – од Преспа до глобалната сцена

Во разговорот за личната инспирација и професионалниот развој, Ангеловска направи интересна паралела меѓу традицијата на туризмот и современиот дигитален свет.

„Ако правам паралела со туризмот и како баба ми работела во тоа време, а сега во онлајн индустријата и јас, како менаџер во Booking.com, можам да кажам дека начинот на размислување е истиот. Тогаш да се биде иноватор било нешто различно; денес тоа е овозможено преку технологијата, преку иновативно размислување и преку тоа како можеме да ги подобриме системите и понудата за корисниците,“ истакна таа.

Маркетингот во дигиталната ера – технологија со човечко лице

Еден од највпечатливите говори на конференцијата го имаше Горан Тинтор од Direct Media, кој зборуваше за балансот меѓу технологијата и човечкиот допир во маркетингот.

„Еден голем маркетинг експерт, Дејвид Аббот, уште пред четириесет години рекол: ‘The crap that arrives at the speed of light — it’s still crap when it arrives.’ Значи, ако немате добра понуда и ако не им се обраќате на вистинскиот начин на вашите купувачи, залудна е сета модерна технологија,“ рече Тинтор.

Тој нагласи дека клучот на успехот не е само во технологијата, туку во разбирањето на луѓето.

„Се разбира дека се важни производите и логистиката, и дека е важна и вештачката интелигенција, но мора да ги разберете луѓето и нивните потреби – што им треба, а што не – за да бидете успешни.“

Персонализацијата како иднина на е-комерцот

Тинтор се осврна и на новите трендови, меѓу кои персонализацијата е најзначајниот двигател на лојалност кај купувачите.

„Еден од главните трендови секогаш е персонализацијата. Во вистинска смисла на зборот, тоа е кога, на пример, добив шише вино на кое пишуваше ‘специјално направено за мене’ – и навистина се почувствував посебно. Ако компаниите успеат да го создадат тој осет кај своите клиенти, тие ќе бидат многу поуспешни,“ изјави тој.

Angel Angelovski photo

Модата во дигиталната ера – види сега, купи сега

Технологијата не го менува само трговскиот, туку и модниот свет. Пиера Валентина Тониоло од Dolce & Gabbana за Трн зборуваше за интеграцијата на дигиталните стратегии во модните колекции и концептот „see now, buy now“.

„Она што постојано го гледам во модниот свет е технологијата ‘види сега, купи сега’, особено преку платформи како Bamboozer, кои овозможуваат работа во областа на социјалната трговија,“ вели Тониоло.

„Денес можеш да гледаш модна ревија во живо и веднаш да ги купиш облеките што ги гледаш – нешто што пред неколку години беше невозможно. Луксузната мода во дигиталната ера доаѓа и се менува со огромна брзина,“ додаде таа.

Според неа, технологијата создава нов начин на доживување на модата, кој ја брише границата меѓу физичкото и дигиталното:

„Можеби во иднина повеќе нема да бидеме физички присутни на модните ревии, но ќе можеме да го доживееме тоа како да сме таму.“

Поддршка од водечките компании

Конференцијата беше поддржана од голем број партнери – Visa (платинест партнер), Halkbank (стратегиски партнер), Korpa (партнер за храна и достава), Brainster (AI партнер) и A1 (дигитален партнер). Златни партнери се Ananas и Casys, а Комерцијална банка, IUTE, Philip Morris International, Sava Pension Company, Grand Skopje, Public Cloud Group и Wolt се сребрени партнери.Осмата регионална конференција за е-трговија уште еднаш покажа дека дигиталната трговија не е иднина – таа е сегашност. Со теми како вештачка интелигенција, персонализација, дигитален маркетинг и онлајн безбедност, настанот ја позиционира Македонија како важен играч на дигиталната мапа на Европа.

„Е-комерцот не е само тренд, туку начин на размислување и живот. Иднината ќе ја обликуваат оние кои ќе успеат да ги спојат технологијата и човечките вредности,“ порачаа организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни