Електронските цигари се поврзани со потенцијални среднорочни и долгорочни здравствени ризици, вклучително и кардиоваскуларни, респираторни и канцерогени последици, соопшти Француска агенција за храна, животна средина и здравје и безбедност при работа (ANSES). Заклучоците се темелат на анализа на повеќе од 3.000 научни студии и извештаи.
Според агенцијата, ризиците по здравјето се поврзани со вдишување токсични супстанции кои се наоѓаат во е-течностите или се создаваат при нивното загревање и вдишување. Посебно се издвојуваат ефектите врз срцево-садовиот систем, дишните патишта и потенцијалниот канцероген ризик.
Ризици постојат и без никотин
ANSES наведува дека електронските цигари кои содржат никотин можат да доведат до кардиоваскуларни ефекти, како што е зголемен крвен притисок, но предупредува дека респираторни и канцерогени последици се можни и кај производи без никотин. Тоа, според агенцијата, го проблематизира широко распространетото верување дека „вејпингот“ е безопасна алтернатива.
Француските експерти потенцираат дека корисниците на електронски цигари мора да бидат значително подобро информирани за здравствените ризици, а особено треба да се обесхрабрат непушачите и младите луѓе од започнување со нивна употреба.
Преодна, но не и безопасна алтернатива
Иако укажува на ризиците, ANSES признава дека електронските цигари може да имаат ограничена улога како привремена мерка за луѓе кои имаат потешкотии со откажување од класичното пушење. Сепак, агенцијата нагласува дека таквиот период мора да биде краток и да биде дел од структуриран програм за престанок со пушење.
Според „Барометарот за јавно здравје на Франција“ за 2024 година, околу три милиони луѓе користат електронски цигари во Франција, што дополнително ја засилува важноста на јавната дебата за нивното влијание врз здравјето.
