„Еј пријателе, многу ми е жал за твојата загуба“: Дали треба да користите вештачка интелигенција за лични пораки?

Пролетва, Ник Васев, 32-годишен технолошки претприемач од Ванкувер, Канада, дознал дека мајката на негов пријател од средно училиште починала. Во обид да изрази сочувство на соодветен начин, тој се обратил кон Claude AI, четбот на вештачка интелигенција од компанијата Anthropic.

„Мајката на мојот пријател почина и се обидувам да најдам вистински начин да бидам тука за него и да му испратам порака за поддршка како добар пријател“, напишал Васев во четот.

Иако обично користи вештачка интелигенција за службени е-пораки, овојпат одлучил да побара „второ мислење“ и за лична комуникација. „Како момци, понекогаш ни е тешко да ги искажеме емоциите“, објаснува тој.

Claude му помогнал да напише порака:
„Еј пријателе, многу ми е жал за твојата загуба. Ти испраќам тебе и на твоето семејство многу љубов и поддршка во ова тешко време. Тука сум за тебе ако ти треба нешто.“

Пораката го поттикнала неговиот пријател отворено да зборува за својата тага. Но Васев никогаш не признал дека пораката е напишана со помош на вештачка интелигенција. „Луѓето го потценуваат пишувањето со помош на ВИ“, признава тој. „Може да ги иритира на погрешен начин.“

„Сакам да го слушнам твојот глас, не на ChatGPT“

Васев ја научил лекцијата откако еден пријател го критикувал за прекумерно потпирање на ВИ за време на расправија.
„Ник, сакам да го слушнам твојот глас, не што има да каже ChatGPT“, му рекол тој. Оттогаш, Васев станал повнимателен, обидувајќи се да размислува сам, но и со „дискретна поддршка од вештачката интелигенција“.

Од крајот на 2022 година, користењето на ВИ драматично порасна, особено во работни средини и меѓу студенти. Но сè почесто, ВИ тивко се вградува и во личните комуникации – пораки со сочувство, роденденски честитки, па дури и говори на свадби.

Онлајн, луѓе анонимно признаваат дека користеле ChatGPT за пишување на важни лични пораки. Еден корисник на Reddit напиша дека користел ВИ за да состави роденденска порака за неговата мајка:
„Таа не само што плачеше, туку ја чува на нејзината масичка и ја чита секој ден. Никогаш нема да ѝ кажам.“

Љубовни завети и погребни говори од вештачка интелигенција

Истражувањата покажуваат дека откривањето на улогата на вештачката интелигенција може да има негативен ефект врз социјалната перцепција, особено кај блиски односи. Според студија од Универзитетот во Аризона, оние што знаеле дека добиле порака составена од ИИ се чувствувале помалку задоволни и понесигурни во односот со испраќачот.

Во друго истражување од 2023 година, 208 возрасни добиле емпатична порака од пријател. Оние кои знаеле дека е напишана со ИИ, чувствувале намалена поврзаност и доверба.

Во популарни Reddit-заедници како r/Relationship_Advice, луѓе често изразуваат разочарување кога ќе дознаат дека нивен партнер користел ChatGPT за составување брачни завети.
„Овие зборови треба да бидат најискрениот дел од нашиот живот. Многу ми е жал што дознав дека не беа негови“, напиша една корисничка.

„Автентичноста е основно очекување“

Д-р Ванеса Урч Друскат, експерт за емоционална интелигенција и организациска психологија, предупредува:
„Постои основно очекување дека нашите лични комуникации се искрени. Ако дознаам дека сте ја користеле ИИ за да направите вашата порака да звучи поемпатично, тоа ќе ме разочара.“

Сепак, прашањето не е црно-бело. Во неформална анкета на социјалните мрежи, две третини од испитаниците рекле дека би биле вознемирени ако целата порака е напишана од ИИ, но кога вештачката интелигенција е користена само за уредување или совети за тон, мислењата биле поделени 50-50.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни