Иако во принцип се силни заштитници на интелектуалната сопственост и се борат за наплата на авторски и сродни права, американските филмски студија во нова судска постапка се обидуваат да ги оспорат сличните барања на сопствениците на права за популарните видео-кодеци.
Американската филмска асоцијација Motion Picture Association (MPA) предупредува дека агресивната наплата на патентни надоместоци од страна на компанијата InterDigital за видео-технологии би можела директно да доведе до зголемување на цените на претплатите за streaming сервисите. Ова произлегува од документи откриени во рамки на судскиот процес што InterDigital го води против медиумските гиганти Disney и Amazon.
InterDigital е сопственик на повеќе од 10.000 патенти поврзани со видео-технологии, а актуелниот спор се темели на користењето на стандардите, односно кодеците H.264 и H.265.
Овие стандарди за компресија на видео-содржини се клучни технологии што ги користат сервиси како Netflix, Prime Video и Disney+. Иако InterDigital се обидела да договори лиценцирање со овие компании уште во јули 2022 година, преговорите тогаш пропаднале. Потоа следувале тужби во кои компанијата тврди дека платформите на Disney и Amazon неовластено ја користат нивната технологија. Тужбата против Disney е поднесена во февруари, а против Amazon во ноември оваа година.
Уцена или правична надокнада?
На страната на медиумските компании застана и MPA, која неодамна достави свој поднесок до судот. Ова здружение, инаку познато по строгата заштита на интелектуалната сопственост, во овој случај зазема поинаков став и тврди дека InterDigital спроведува „глобална кампања на уцена“ со цел да оствари неоправдан профит.
MPA ја поддржува и противтужбата на Disney за кршење на антимонополските закони, истакнувајќи дека InterDigital се обидува двојно да наплати лиценци – прво од производителите на уреди, а потоа и од streaming сервисите за истата технологија.
Прашањето за користењето на H.264 и H.265
Од друга страна, InterDigital се брани со тврдењето дека овие видео-стандарди се задолжителни само за производителите на хардвер, додека за streaming сервисите тие се технички опционални. Според нив, медиумските компании можат да користат и други, нестандардни технологии доколку сакаат да избегнат плаќање лиценци.
MPA го отфрла овој аргумент, нагласувајќи дека користењето нестандардни кодеци би ги направило streaming сервисите некомпатибилни со речиси сите телевизори и паметни телефони на пазарот.
Како што често се случува, додека големите корпорации се судрат, последиците би можеле да ги почувствуваат корисниците. Според MPA, зголемените трошоци од, како што ги нарекуваат, „нескрупулозни“ сопственици на патенти, лесно би можеле да се префрлат врз крајните потрошувачи – преку повисоки цени на претплатите или преку намалување на продукцијата и дистрибуцијата на содржини.
Конечната одлука ќе ја донесе судот во Делавер.
