Во Конечниот ревизорски извештај, објавен денес, ревизорите наведуваат дека ниту една од клучните слабости не е надмината, а дел од нерегуларностите дури и се продлабочиле.
Според ревизијата, Агенцијата и натаму презема многу поголеми финансиски обврски од одобрениот буџет. Односот „одобрен буџет – обврски“ изнесува 1:5, што значи дека за секој денар планиран во буџетот се преземаат пет денари обврски за финансирање на филмски проекти, фестивали и други активности. Ова, како што предупредуваат ревизорите, претставува сериозно нарушување на законските правила за финансиска дисциплина и создава ризик од судски постапки и дополнителни трошоци.
Ревизијата нотира дека Агенцијата и во 2024 година немала доволно стручен кадар, а недостигот се „решавал“ со ангажирање лица по договор на дело, без јасно утврдени квалификации и без спроведени процедури за селекција. Истовремено, континуираните промени во раководството негативно влијаеле врз функционирањето на институцијата.
Ревизорот утврдува и целосно изостанување на редовен попис на средствата, побарувањата и обврските – обврска што не е извршена ниту во претходните години. Недостасува и стратегија за развој на филмската дејност, а не постои ниту ажурирана евиденција за продуценти, дистрибутери, прикажувачи и филмови финансирани со државни средства.
Посебно загрижувачки е наодот дека дел од филмските продуценти, и покрај тоа што нивните филмови се завршени и имаат премиера, не доставуваат комплетна документација за остварената бруто добивка. Поради тоа, Агенцијата не може да го реализира својот законски дел од добивката – 50 проценти од вложените средства.
Ревизорите констатирале и низа процесни неправилности – вклучително и поништување на конкурс за финансирање филмски проекти без законски основ, спроведување конкурси без јасни внатрешни правила, недоволна контрола на реализацијата на проектите, неажурирана методологија за утврдување надоместоци и доцнење во наплатата на приходите.
Агенцијата, и покрај законските обврски, сè уште нема воспоставено единица за внатрешна ревизија, што дополнително го ослабува системот за контрола и управување со јавните средства.
Во извештајот се посочува и потребата од измени на Законот за филмска дејност, особено во делот за критериумите за избор членови на Филмскиот совет и висината на банкарските гаранции што треба да ги обезбедат продуцентите.
Новите ревизорски наоди уште еднаш ја отвораат темата за управувањето со јавните пари во филмската индустрија и неопходноста од темелна институционална реформа.
Извор: Nezavisen
