SpaceX ракета ја загадила атмосферата: научници потврдија директна врска со облак од литиум

Научници за првпат директно поврзаа неконтролирано враќање на ракета Falcon 9 на SpaceX со зголемено ниво на литиум во атмосферата под 100 км височина. Истражувањето предупредува на можни ризици за озонската обвивка и климата.

Кога поради дефект ракета на SpaceX минатата година се распадна над западна Европа и го осветли небото со огнена топка, не беше јасно дали нејзините остатоци ја загадуваат атмосферата. Сега научници за првпат директно го поврзаа неконтролираното враќање на ракетата со облак од литиум измерен на височина помала од 100 километри над Земјата, објави BBC News.

Со тоа е воспоставена првата директна врска меѓу конкретно парче вселенски отпад и загадување во атмосферата.

Неочекувана можност за истражување

Станува збор за ракета Falcon 9, која доживеала дефект на 19 февруари 2025 година. Додека согорувала при влегување во атмосферата, се претворила во огнени топки видливи над Ирска, Англија и Германија, пред делови од неа да паднат на земјата.

Еден маж во Полска пронашол дел од ракетата со димензии приближно 1,5 на 1 метар зад своето складиште.

„Видовме вест дека ракетата паднала во Полска. Леташе речиси директно над нас и помисливме: ‘Ова е одлична можност’“, изјавил професорот Робин Винг од Leibniz Institute for Atmospheric Physics во Германија.

Неговиот тим користел ласер за да детектира метални атоми ослободени од телото на ракетата, изработено од легура на алуминиум и литиум.

Значително зголемување на литиумот

Во соработка со професорот Џон Плејн од Универзитетпт во Лидс, научниците утврдиле дека количината на литиум во атмосферата долж патеката на ракетата значително се зголемила.

Според Винг, во атмосферата природно навлегуваат околу 50 до 80 грама литиум дневно преку ситни метеори. „Една ракета Falcon 9 содржи околу 30 килограми, што е многу повеќе“, нагласил тој.

Истражувачите засега не ги знаат долгорочните последици од ова загадување врз составот на атмосферата, но предупредуваат дека најверојатно нема да бидат позитивни.

„Најмногу нè загрижуваат алуминиумот и алуминиумските оксиди кои можат да стапат во интеракција со озонската обвивка“, рекол Винг. Загадувањето може да ги наруши аеросолите во атмосферата и нивната способност да ја регулираат климата и температурата.

Проблем што ќе расте

Научниците предупредуваат дека ова може да биде само врв на ледениот брег, особено поради амбициите на извршниот директор на SpaceX, Илон Маск, кој најави лансирање на голем број сателити во наредните години.

Претходни истражувања покажуваат дека околу 10% од аеросолите во атмосферата веќе се контаминирани со честички од вселенски отпад. Се проценува дека речиси 30.000 парчиња отпад кружат околу Земјата, настанати од распаднати ракети и сателити.

„Ова е ново научно поле. Тешко е да се предвидува бидејќи сè се менува многу брзо“, изјавил Винг, правејќи споредба со хлорофлуоројаглеродите кои доведоа до појава на озонската дупка.

Регулативата заостанува

Зголемената активност во вселената значи и повеќе отпад што ќе навлегува во атмосферата. Минатата година група истражувачи од NASA и неколку универзитети ги повикале Обединетите нации да ја вклучат заштитата на орбитата на Земјата во своите цели за одржлив развој.

Професорот Енди Лоренс од Универзитетот вп Единбург изјавил дека постојните вселенски прописи не ги покриваат новите проблеми – од попречување на астрономските набљудувања и ризик од судири во орбитата, до опасност од паѓање делови на Земјата и, сега, загадување на атмосферата.

Истражувањето е објавено во научното списание Communications Earth & Environment.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни