SpaceX откри: Starlink избегнал околу 300.000 судири со сателити во 2025 година

SpaceX откри дека Starlink извршил околу 300.000 маневри за избегнување судири во 2025 година, додека бројот на сателити во орбитата расте рекордно.

Сателитската мрежа Starlink, во сопственост на SpaceX, извршила околу 300.000 маневри за избегнување судири со други сателити и вселенски објекти во текот на 2025 година, покажува извештај што компанијата го доставила до Федералната комисија за комуникации на САД (FCC) кон крајот на декември.

Starlink е мегаконстелација од сателити која обезбедува сателитски интернет. Првите сателити беа лансирани во 2019 година, а денес во орбитата се наоѓаат околу 9.400 Starlink сателити, што претставува приближно 65 проценти од сите активни сателити околу Земјата.

Зошто FCC бара редовни извештаи

FCC има обврска SpaceX да поднесува извештај на секои шест месеци за безбедноста на мрежата, бидејќи евентуален судир меѓу два сателита може да создаде илјадници парчиња вселенски отпад, што би можело да направи делови од орбитата неупотребливи или да предизвика верижни судири.

Преместување на сателитите во пониска орбита

Истражувачи од Кина тврдат дека блискиот судир меѓу кинески сателит и еден Starlink уред бил причина SpaceX да одлучи да премести повеќе од 4.000 сателити во пониска орбита.

Според објава на потпретседателот на SpaceX за инженеринг, Мајкл Николс, два сателита на 10 декември минатата година поминале на растојание од само 200 метри еден од друг, кратко по лансирањето од северозападна Кина.

Три недели подоцна, Николс соопшти дека SpaceX планира да спушти речиси половина од своите над 9.000 оперативни сателити од висина од околу 550 километри на 480 километри, со цел „зголемување на безбедноста во вселената“.

🚀 До 100.000 сателити во иднина?

Starlink доби зелено светло од FCC да го удвои бројот на сателити и да ги распореди во пониски орбити од досега. Иако тоа би можело да донесе побрз интернет за милиони луѓе, научниците предупредуваат на ризиците од дополнителни 7.500 сателити во сè уште недоволно истражени орбити, како и на можните негативни ефекти врз Земјината атмосфера.

Одобрението значи дека бројот на Starlink сателити би можел да порасне на 15.000 до 2031 година, иако SpaceX првично побара дозвола за уште поголем број.

Во моментов, системите за вселенски надзор на NASA и Европската вселенска агенција (ESA) следат околу 40.000 објекти во орбитата, додека многу помали остануваат неевидентирани. Со плановите на Кина и други држави за нови констелации, се проценува дека за неколку години во орбитата би можело да има дури 100.000 објекти.

Најголемата закана се малите објекти

Професорот по планетарни науки на Универзитетот во Аризона, Вишну Реди, за CNET изјави дека најголемиот ризик не се големите објекти кои се следат, туку оние помали од 10 сантиметри.

„Предизвикот не се големите објекти што ги следиме, туку малите што не можеме да ги детектираме, а можат да предизвикаат катастрофална штета“, вели Реди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни