SpaceX оди на берза: Илон Маск подготвува историски ИПО со удел за „обични“ инвеститори

SpaceX планира ИПО вреден над 1 трилион долари, со до 30% акции за мали инвеститори – потег што може да го смени пазарот.
Фото: SpaceX

Американската вселенска компанија SpaceX, основана од Илон Маск, се подготвува за едно од најголемите иницијални јавни понуди (ИПО) во историјата, при што дури до 30% од акциите би можеле да бидат наменети за мали, индивидуални инвеститори.

Овој потег претставува значително отстапување од вообичаената пракса на Волстрит, каде што ваквиот удел обично се движи меѓу 5% и 10%.

Во февруари, SpaceX ја презеде компанијата xAI, исто така во сопственост на Маск, во трансакција со размена на акции. Со тоа, вредноста на СпејсИкс беше проценета на околу 1 трилион долари, а на xAI на 250 милијарди долари, создавајќи заедничка вредност од околу 1,25 трилиони долари.

Со ваква проценка, компанијата стана највредната приватна компанија во историјата и се очекува да излезе на берза во текот на 2026 година.

ИПО-то може дополнително да го зацврсти статусот на Маск како најбогат човек во светот, а според некои проценки, дури и да го направи првиот трилионер во историјата.

Според информации на Reuters, Маск сака да поттикне долгорочно инвестирање, наместо брзи продажби од институционални инвеститори веднаш по стартот на тргувањето.

Финансискиот директор на компанијата, Брет Џонсен, веќе го претставил планот пред големите инвестициски банки.

Меѓу нив се Bank of America, Goldman Sachs, JPMorgan Chase и Morgan Stanley, кои се очекува да имаат клучни улоги во процесот.

Планот предвидува и специфична распределба на задачите, на пример, Bank of America ќе биде задолжена за домашните инвеститори во САД, додека Morgan Stanley ќе управува со помали нарачки преку својата платформа E*Trade.

ИПО како тест за пазарот

Аналитичарите веќе го гледаат ИПО-то на SpaceX како важен тест за довербата во технолошкиот и AI сектор.

По период на високи вреднувања и масивни инвестиции, дел од инвеститорите почнаа да се прашуваат дали на пазарот се формира „балон“.

Според експертите, успехот или неуспехот на ова ИПО ќе покаже дали интересот за технолошки акции – особено оние поврзани со вештачка интелигенција – и понатаму е силен.

Се очекува дека побарувачката за акциите ќе биде огромна, особено поради популарноста на Маск и амбициозните проекти на компанијата, што дополнително го зголемува вниманието на глобалните финансиски пазари.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни