Компанијата SpaceX соопшти дека во текот на 2026 година ќе започне со постепено спуштање на илјадници Starlink сателити, со цел да се намали растечкиот ризик од судири во ниската орбита околу Земјата.
Според изјавата на Мајкл Николс, потпретседател за инженерство во SpaceX, околу 4.400 сателити кои моментално орбитираат на висина од 550 километри ќе бидат спуштени на 480 километри над површината на Земјата.
Намалување на ризикот и побрзо „пензионирање“ на сателитите
Со намалувањето на орбитата, времето потребно еден сателит да ја заврши својата работна фаза и природно да изгори во атмосферата се скратува за повеќе од 80 проценти, објасни Николс.
Исто така, на височини под 500 километри има значително помал број активни сателити, што директно го намалува ризикот од меѓусебни судири.
Според SpaceX, овој чекор ќе ја зголеми безбедноста и поради тоа што ќе се намалат опасностите поврзани со некоординирани маневри и лансирања од други сателитски оператори.
Инцидент во декември ја забрза одлуката
Одлуката следи по редок инцидент во декември, кога SpaceX соопшти дека еден од нивните сателити создал „мала количина вселенски отпад“ и привремено ја прекинал комуникацијата со летало кое орбитирало на висина од 418 километри. Компанијата најави истрага за причините на настанот.
Судирите во орбитата пораснале за 200 проценти
Според податоци на Европската вселенска агенција (ESA), во ниската Земјина орбита (LEO), на височини под 2.000 километри, моментално се движат околу 40.000 објекти.
Од нив, само околу 11.000 се активни сателити, а повеќе од 9.300 се во сопственост на SpaceX, според податоците од декември на астрономот Џонатан Мекдауел.
ESA проценува дека во орбитата има и над 1,2 милиони објекти поголеми од еден сантиметар, доволно големи за да предизвикаат катастрофална штета при судир.
Рекорден број маневри за избегнување судири
За да избегнат судири, сателитите автоматски ги прилагодуваат своите орбити користејќи податоци од национални системи за следење, како што е Командата за вселенски операции на САД.
Професорот по аеронаутика Хју Луис од Универзитетот во Бирмингем изјави дека SpaceX извршил 144.404 маневри за намалување на ризик од судир во периодот од декември 2024 до мај 2025 година — што претставува раст од 200 проценти во споредба со претходните шест месеци.
Според Луис, главната причина за овој пораст е брзото зголемување на Starlink флотата, како и сè поголемиот број објекти во орбитата околу Земјата.