Илон Маск официјално ги спои SpaceX и xAI, создавајќи единствен корпоративен ентитет кој, според проценките, станува највредната приватна компанија во светот, објави компанијата SpaceX.
Спојувањето ги обединува двете најамбициозни компании на Маск и укажува на огромните финансиски и технолошки потреби на xAI за натпревар во сè побрзо растечкиот сектор на вештачка интелигенција, но и на стратешката важност на таа технологија за иднината на вселенските истражувања, пишува CNN.
„Ова не е само следното поглавје – ова е целосно нова книга во мисијата на SpaceX и xAI“, се наведува во соопштението објавено на официјалната страница на SpaceX.
Вредност од над билион долари
Според податоците на PitchBook, SpaceX во декември 2025 година бил проценет на 800 милијарди долари, додека xAI во последниот инвестициски круг во јануари бил вреднуван на 230 милијарди долари. Со спојувањето, новиот ентитет ја надминува границата од еден билион долари приватна вредност.
Визија на Маск: Податочни центри во вселената
Овој потег ја одразува и растечката тешкотија со која се соочуваат технолошките компании во обезбедување сè поголема компјутерска моќ неопходна за развој на вештачка интелигенција.
„Денешниот напредок во ВИ зависи од огромни податочни центри на Земјата кои трошат неверојатни количини енергија и бараат интензивно ладење“, напиша Маск. „Најлогичното решение е тие ресурси да се преместат таму каде што има изобилство од енергија и простор.“
Според неговите проценки, за две до три години најевтиниот начин за создавање компјутерска моќ за ВИ ќе биде – во вселената.
Во таа насока, SpaceX минатата недела поднесе барање до американската Федерална комисија за комуникации (FCC) за дозвола за лансирање констелација од еден милион сателити, кои би функционирале како соларно напојувани орбитални податочни центри.
Контроверзии околу xAI и Grok
И покрај амбициите, xAI е оптоварен со сериозни контроверзии. Компанијата, која е и сопственик на социјалната мрежа X, беше жестоко критикувана поради својот чатбот Grok, кој генерирал сексуализирани слики од вистински жени.
Минатата година Grok беше обвинет и за насилни и антисемитски содржини, по што xAI јавно се извини, тврдејќи дека станува збор за несакан ефект од ажурирање на системот.
Огромни пари, жестока трка
И покрај контроверзиите, инвеститорите масовно вложуваат во вештачка интелигенција. Компанијата Nvidia, највредната фирма во светот, минатата година објави инвестиција од 100 милијарди долари во OpenAI.
Судир на корпоративни култури?
И SpaceX има свои скапи и долгорочни цели – пред сè испраќање луѓе на Марс и создавање постојана колонија. Делумно преклопување меѓу двете компании постоело и порано, со вработени кои работеле паралелно во SpaceX и xAI.
Сепак, некои поранешни вработени во xAI изразија загриженост поради можен културолошки судир.
„xAI функционира по принципот ‘делувај брзо и не плаши се од грешки’, со рамна хиерархија и пристап ‘прво направи, па прашај’. Стравувам дека многумина од xAI ќе доживеат културен шок во SpaceX“, напиша Бенџамин де Кракер, поранешен член на xAI.
IPO што може да влезе во историјата
Маск во декември потврди дека планира иницијална јавна понуда (IPO) за SpaceX. Таа, уште пред спојувањето со xAI, беше проценета на околу 1,5 билиони долари, што би ја направило една од најголемите IPO-зделки во историјата.
Според Bloomberg Billionaires Index, Маск моментално располага со 676 милијарди долари личен имот, што го прави најбогат човек на светот а новиот корпоративен гигант би можел таа бројка уште драстично да ја зголеми.
