Space X подготвува најголем ИПО во историјата – Илон Маск на чекор до првиот билион!

Space X подготвува рекорден ИПО вреден до 75 милијарди долари. Компанијата на Илон Маск може да достигне вредност од 1,75 билиони долари и да го направи Маск првиот билионер во историјата.
Фото: SpaceX

Американската вселенска компанија СпејсИкс, под водство на најбогатиот човек на светот Илон Маск, се подготвува за една од најочекуваните иницијални јавни понуди на акции (ИПО) во поновата историја на финансиските пазари.

Според првичните информации, потребната документација за започнување на процесот може да биде поднесена до американскиот регулатор веќе оваа или следната недела. Се очекува ова да биде еден од најголемите ИПО процеси во историјата на светските берзи.

Целта на компанијата е да собере до 75 милијарди долари нов капитал, што би го надминало досегашниот рекорд на Сауди Арамко од 29,4 милијарди долари, поставен во 2020 година.

СпејсИкс планира берзанско деби во јуни, при што ќе бидат понудени околу 5% од вкупните акции на компанијата. Се разгледува и модел со две класи на акции, со цел Илон Маск и неговиот најблизок инвестициски круг да ја задржат контролата врз гласачките права.

Фокус на малите инвеститори

Илон Маск размислува дури 20–30% од вкупната понуда да биде резервирана за индивидуални, односно мали инвеститори. Тоа е значително повеќе од вообичаените 5–10% кои се практикуваат на Волстрит, каде најголемиот дел од акциите обично одат кај институционални инвеститори.

Оваа стратегија има цел да ја искористи големата база на лојални следбеници и инвеститори на компанијата, кои генерално се сметаат за помалку склони кон брза продажба на акции за краткорочна добивка. На тој начин би се намалиле наглите ценовни осцилации по излегувањето на берза.

Во процесот се вклучени и големи финансиски институции како Банка на Америка, Ситигруп, Голдман Сакс, Џеј Пи Морган Чејс и Морган Стенли.

Пат кон билионска вредност

СпејсИкс, во чиј состав неодамна влезе и компанијата за вештачка интелигенција иксАИ (xAI), цели кон пазарна вредност од околу 1,75 билиони долари.

Со тоа би се рангирал меѓу највредните компании во САД, пред Мета, Тесла, ТСМС и Бродком, а веднаш зад гигантите Мајкрософт и Амазон, кои имаат вредност над два билиони долари.

Иако деталите за понудата сè уште не се финализирани, најавените состаноци со инвеститори во април укажуваат дека подготовките се во завршна фаза.

Аналитичарите сметаат дека овој ИПО ќе биде клучен тест за апетитот на пазарот на капитал, но и потврда за доминантната позиција на СпејсИкс во новата „вселенска економија“.

Доколку плановите се реализираат, богатството на Илон Маск би можело да надмине еден билион долари, додека моментално се проценува на околу 800 милијарди.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни