Нова епизода на РеТрн, ама овој пат со мала забуна. Нашиот Дениз за жал не доби одговори на прашањата поврзани со неговата омилена анимирана серија South Park – затоа што овој пат гостинка ни е Светле, вокалот на македонскиот бенд South Park.
Бенд кој со години е дел од ноќниот живот на градот и редовно ја полни бината со енергија, свирки и публика што ги обожава. Заедно со Светле, зад името South Park стојат и Христијан, Виктор и Благојче, музичари кои со години го градат звукот и со своите живи свирки оставаат силна трага на локалната сцена.
Во разговорот, Светле отворено зборува за тоа колку е тешко (и убаво) да се биде музичар во Македонија, кои се мааните, а кои предностите на оваа професија, како и за дилемата меѓу кавер и авторска музика. Разговараме и за вечната поделба – рок или поп, за омилените места за настап во Скопје, но и за сцените на кои би сакале еден ден да свират во светот.
Што би променила Светле во Скопје, што ја прави среќна, а што тажна, кој ѝ е омилен бенд од Македонија и од светот, и дали постои нешто од минатото што би го направила поинаку. Искрен разговор за музиката, сцената, градот и животот меѓу проби, настапи и публика.
South Park не се само бенд со препознатливо име – тие се дел од урбаната меморија на Скопје. Оваа епизода на РеТрн е потсетник зошто живата музика сè уште значи заедништво.
