Џони Деп работи на првата англиска адаптација на „Мајсторот и Маргарита“

Актерот ќе биде продуцент, а можно е и да се појави во филмската верзија на култниот роман на Булгаков.

Американскиот актер и режисер Џони Деп ќе биде продуцент, а можно е и да глуми во првата англиска филмска адаптација на култниот роман „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков.

Проектот, кој засега сè уште нема потврден режисер, ќе биде продуциран преку продукциската куќа IN.2 Film, во сопственост на Деп, во соработка со продуцентите Светлана Дали, Грејс Ло, Стивен Дојтерс и Стивен Малита.

Филмот беше најавен за време на Меѓународниот филмски фестивал „Црвено Море“, каде што Џони Деп и дел од продуцентскиот тим се појавија како гости. Според најавите, продукцијата би требало да започне во текот на следната година.

Сепак, проектот е придружен и со правни компликации. Продуцентките Дали и Ло моментално се вклучени во судска постапка поврзана со правата за дистрибуција на најновата руска екранизација на романот, режирана од Мајкл Локшин, која беше прикажана пред две години. Тие тврдат дека поседуваат ексклузивни права за филмска адаптација на делото.

Романот „Мајсторот и Маргарита“, објавен постхумно во 1960-тите години, денес се смета за едно од најзначајните книжевни дела на 20. век. И покрај бројните обиди на големи автори како Роман Полански, Федерико Фелини, Тери Гилијам и Баз Лурман, делото досега никогаш не било екранизирано на англиски јазик.

Ова е уште еден проект на кој ќе соработуваат IN.2 Film и Светлана Дали. Во меѓувреме, Џони Деп е во преговори за улогата на Ебенизер Скруџ во новата филмска адаптација на „Божиќна приказна“ во режија на Тај Вест, а се очекува и да глуми заедно со Пенелопе Круз во акциониот трилер „Day Drinker“, во режија на Марк Веб.

Овие улоги би претставувале негово враќање во продукции на големи студија, првпат по филмот „Fantastic Beasts: The Crimes of Grindelwald“ од 2018 година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни