Што е SNIFFIT – енергетскиот прав што Хрватска итно го забрани

Санитарната инспекција на 20 февруари донесе одлука за повлекување од продажба по оценка дека производот не е безбеден за потрошувачите

Хрватска ја забрани продажбата на производот SNIFFIT, таканаречен „ароматичен енергетски прав“ што се администрира интраназално, откако санитарната инспекција на Државниот инспекторат на 20 февруари донесе итна одлука по добиените лабораториски анализи и мислењето на Хрватскиот институт за јавно здравје (HZJZ).

Според надлежните институции во Хрватска, производот е оценет како „небезбеден за потрошувачите“, по што е донесена одлука за забрана на неговата продажба. SNIFFIT се продавал како енергетски прав кој се користи со шмркање, со маркетиншка порака за брзо зголемување на енергијата.

Регионалните медиуми објавија дека производот бил популарен меѓу младите и дека содржи состојки како кофеин, таурин, ниацин (витамин Б3), Л-теанин и ментол. Иако овие супстанции се дозволени во пијалоци и додатоци во исхраната, лекарите предупредуваат дека тоа не значи дека имаат докажан безбедносен профил за назална употреба.

Матичниот лекар Милан Симеоновиќ изјави дека иако состојките формално се легални, начинот на употреба отвора медицински дилеми, особено поради можноста за иритација на носната слузница и побрза апсорпција на кофеин во системската циркулација. Според него, нема доволно клинички податоци за долгорочната безбедност на ваквиот начин на администрација.

Психологот Јована Марковиќ укажува дека визуелниот и ритуалниот аспект на користење на прав преку нос може да има психолошки ефект кај адолесцентите, особено во контекст на групна идентификација и ризично однесување.

Слични производи во минатото се појавија и во други земји. Во 2017 година во САД беше забележан случај со „Coco Loko“, додека во Франција во 2024 година производот „Sniffy“ исто така беше забранет.

Во Хрватска производот е ставен во категорија „неовластен“. Во Србија, според достапните податоци, не е регистриран на веб-страниците на Министерството за здравство и на Агенцијата за лекови и медицински средства. Регионалните медиуми наведуваат дека ситуацијата е слична и во други соседни земји.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни