Изјава на поранешниот американски претседател Барак Обама повторно ја разгоре една од најдолговечните теории на интернет: дали светските лидери знаат нешто за вонземјаните што јавноста не го знае?
Виралното видео кое кружи на социјалните мрежи го прикажува Обама како на прашање дали постојат вонземјани одговара: „Реални се.“ Клипот брзо беше споделуван со наслови дека поранешниот претседател „признал вистина што владите ја кријат со децении“.
Но целосниот контекст покажува поинаква слика.
Изјавата доаѓа од интервју со политичкиот коментатор Брајан Тајлер Коен, во дел од разговорот кој бил замислен како брз круг прашања со полесен тон. Веднаш по одговорот, Обама додава дека лично никогаш не видел вонземјани ниту докази за нив и ги отфрла теориите дека во тајни бази како Area 51 се кријат суштества од други светови.
Токму овој втор дел најчесто се изоставува во кратките клипови што кружат онлајн.
Експертите за медиумска писменост велат дека вакви случаи се класичен пример како реална изјава може да биде претставена на начин што создава сензационален впечаток. Селективното сечење на видеа, без целосниот контекст, често создава впечаток дека е кажано нешто многу поголемо отколку што навистина било.
Американските институции досега немаат објавено проверливи докази дека непознатите летачки објекти се поврзани со вонземска технологија. Повеќето официјални извештаи ги објаснуваат како природни феномени, технолошки тестови или погрешни перцепции.
Затоа, иако видеото е вистинско, тврдењето дека Обама „признал постоење на вонземјани“ е интерпретација — не факт.