Скопје и годинава е домаќин на „Ѕирни“, фестивалот на филм и музика кој веќе седма година по ред создава простор за младинска култура, независна кинематографија и алтернативна музика. Во периодот од 29 септември до 6 октомври, фестивалот ни нуди богата филмска и музичка програма, распоредена на две локации: киносалата на „Котур“ и Платото пред Домот на АРМ – култно место од значење за алтернативната сцена во Скопје и еден од последните отворени јавни простори во центарот на градот.
„Сакаме на фестивалот да му дадеме и просторна, и културна важност. Оваа година ја избравме локацијата на АРМ затоа што веруваме дека тоа е една од ретките јавни површини во градот каде што младите можат да се соберат, да седнат, да не потрошат 200 денари за пиво, а да поминат убаво време“, вели Дарко Јовчевски од организацијата „Кафе и филм Котур“.
„Секогаш е предизвик да организираш фестивал под отворено небо, посебно во октомври. Ама, некако – магично – секогаш прекинува да врне кога е време за ‘Ѕирни’“, додава Јовчевски со насмевка.
Филмска програма – македонски премиери и краткометражен фокус
Фестивалот и оваа година ја задржува фокусираноста на краткиот филм – како форма што, иако често маргинализирана во комерцијалната дистрибуција, овозможува моќен, автентичен израз.
„Без македонски филмови, поентата на ’Ѕирни’ се губи. Краткиот филм е форма која не оди во редовна кино-програма, и токму затоа фестивалите се клучни за нивна видливост“, посочува Јовчевски. „Мораме да направиме сè што можеме овие филмови да ги гледаат што повеќе луѓе – тие се искрени, храбри и заслужуваат публика.“

Официјалната програма ќе вклучи скопски премиери на неколку значајни македонски краткометражни филмови, како што се: „Нова енергија“ – Сара Климовска и Радован Петровиќ, „Избор“ – Марко Црногорски, „Остров“ – Бранко Костески, „Зајак“ – Ханис Багашов и „Сенките на месечината“ – Тина Величковиќ
„Сенките на месечината е мојот дипломски филм. Среќна сум што првпат го прикажуваме во Скопје токму на ’Ѕирни’. Минатата година имаше премиера во Сребреница, а потоа и на неколку фестивали во регионот. Сега е време за домашната публика“, вели Тина Величковиќ.
„Особено ми е драго што оваа година повторно имаме филм на фестивалот. Се надевам дека ќе го задржиме подемот на македонската продукција и нема повторно да се враќаме наназад – оваа година навистина беше значајна за домашниот филм“, додава таа.
Во рамки на „Ѕирни“ ќе се одржи и специјална проекција на филмот „Бабички на револуцијата“, во чест на Илинденка Петрушева.

Актерката Тамара Ристоска, која игра главна улога во филмот „Нова енергија“, ја истакнува важноста на фестивалите како „Ѕирни“:
„Овој филм е за женската солидарност и за таа некршлива врска меѓу две жени кои, само една со друга, можат да создадат простор на сила и поддршка. Убаво е што ќе го види скопската публика првпат токму тука“, вели Ристоска.
„Морам да признаам – првпат работам со жена како директорка на фотографија. Кај нас тоа речиси и да не постои, и навистина недостигаат жени зад камерата. Се надевам дека ќе гледаме сè повеќе такви примери“, додава таа.

Музика, уметност и атмосфера
Во вечерните часови, платото пред Домот на АРМ станувао отворена музичка сцена, со настапи на: Занаду – концертна промоција на албумот „Наше после сè“, Луфтханза, Хот Џез Оркестар. Музички сетови селектираат и: Томи Бојаџи, Давид Николовски, Миа Ѓоргиевска, Игор Спироски, Double G (Никола Димитријеќ) и Soul Case (Бојан Јанев).

Изложби – спој на интимно и колективно
„Ѕирни 7“ вклучува и две визуелни изложби:
„Добре дојде, добро те најдов“ – од Ана В’чкова: мултисензорно, интерактивно дело кое ги повикува посетителите да споделат лична приказна или предмет и да станат дел од колективното сеќавање.
„Наследена носија“ – од Мила Добревска: современа интерпретација на традицијата преку скулптури, мозаици и ткаени елементи кои ја одразуваат истрајноста и љубовта што се пренесува низ генерации.
И оваа година, влезот за сите настани е слободен – затоа што „Ѕирни“ постои за да ја направи културата достапна и жива.
„Фестивалот го правиме затоа што веруваме во заедничко гледање филмови, во музика на отворено, во јавни простори што сè уште ни припаѓаат, барем за момент. „Ѕирни“ постои за да нè потсети дека културата треба да биде дел од секојдневието, а не луксуз“, вели Дарко Јовчевски.