Џифони се потпира на идејата за еднаквост и овозможува бесплатно учество на настаните од отворен карактер

Повеќе од 550 учесници од девет земји утре ќе бидат дел од 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје. Фестивалот ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ), Кинотеката и кино „Милениум“ до 10 октомври, каде џифонците ќе гледаат филмови, ќе дискутираат и ќе учествуваат на креативни работилници.

„Се враќаме со полна енергија, со преполни сали бидејќи местата за учество на фестивалот се пополнети уште пред две, три недели. Првата група се пополни за првите десет дена, и очекуваме дека ќе имаме преполни сали и нормален фестивал полн со живот на задоволство на нашите најмлади“, изјави Дарко Башески, директор на фестивалот на денешната прес – конференција.

Оваа година, освен нашите учесници,  ќе има околу 40 странски гости од 9 земји од Европа кои ќе бидат сместени во семејства оттука.

Фестивалот утре вечер ќе се отвори со прикажување на филмот „Вратената“ во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела Ди Пјерантонио, во киното „Милениум“.

Тој додаде дека оваа година ќе има петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (од шесто до девето одделение), јуниори (прва и втора средно) и сениори (трета и четврта). Ќе проследат 46 краткометражни играни, документарни и анимирани филмови, а добар дел од нив се филмови направени од нивни врсници од целиот свет.

Од филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите).

Ќе бидат реализирани девет работилници – три за јуниори и шест за кадети и сениори.

„Сите филмови засегаат некакви теми кои се важни за младите, работилниците во МКЦ ќе се реализираат двојно заради зголемениот интерес на младите за нив“, потенцираше Дарко.

Нов сегмент на фестивалот е ЕПИК – проект за промоција на мирот преку креативност кај младите, поддржан од Министерството за надворешни работи и меѓународната соработка на Италија. Поддржан е од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на фестивалот, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права, преку филм, уметност и култура и активно вклучување на младите во создавањето на филмски и ументички остварувања кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Во рамките на ЕПИК, ќе бидат прикажани 17 краткометражни филмови што ќе се натпреваруваат за три награди. Ќе бидат организирани две панел дискусии на тема ЕПИК со претставници од филмски фестивали за деца и млади од регионот.

Дел од програмата ќе бидат и две презентации на нови кратки филмови од млади автори од нашата држава, „Метаморфозис“ ќе одржи презентација на тема лажни вести и нивна проверка, а ќе се реализира и средба со основачите на брендот „Filmthusiast“.

Како што најави на денешната прес-конференција Деа Крстевска Тамборини, програмски директор на Фестивалот, в понеделник ќе биде прикажан и грчко-италијанскиот документарен филм „Учесниците од Умберто Примо“.

„Филмот е плод на 20 годишно истражување за она што се случувало за време на прогонот на Евреите во Грција. Имаме и гостувања на млади филмаџии од Македонија, кои ќе ги претстават своите најнови дела, а презентацијата на „Метаморфозис“ ќе се осврне на тоа како младите треба да ги препознаваат лажните вести и како да се одбранат од сето она што им се пласира преку лажните вести, да знаат подобро да се снаоѓаат во користењето на интернетот“, посочи Крстевска Тамборини.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“ кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Ќе бидат прикажани творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

„За само пет дена имаме готови филмови, фотографии, стрипови, театарски претстави и сето тоа успеваме да го прикажеме на завршната вечер“, изјави Деа, а на крајот поентираше со изјавата околу главната цел на овој фестивал.

„Ние со овој фестивал сакаме да им покажеме на децата дека нема невозможни професии, дека се што ги интересира, секоја необична работа која им претставува задоволство може да прерасне во професија, сакаме да им укажеме на тоа дека во креативните индустрии има мал милион професии во кои можат да се специјализираат и да бидат успешни. Ние се обидуваме да ги запознаеме децата со сите моќности кои постојат во креативните индустрии, па макар тоа и на родителите да не им изгледа како посакувана професија за нивните деца. Покажуваме примери на успешни луѓе кои ги следеле своите страсти и успеале во тоа“, изјави таа.

Повремено се прават и други проекти, Џифони патува, со кое имаме покриено 25 општини. За жал годинава, Агенцијата за филм не го поддржа овој проект и се реализираше во само еден град со поддршка од Центарот за современи уметности. Имавме уште една активност „Џифони муви дејс“ која ја започнавме од минатата година и беше наменски направена за да ги вратиме децата надвор да присуствуваат физички на настани бидејќи почувствувавме дека има потреба за тоа, рече директорот на фестивалот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни